Рамадани: Ако партиите од албанскиот блок се поделени, нема да мотивираат гласачи

од Vladimir Zorba

Присуството на пет лидери од албанскиот блок на лидерската средба кај Претседателот Стево Пендаровски ја покажа сликата колкава е поделеноста кај партиите на Албанците во С. Македонија пред изборите.

Иако досегашниот модел на лидерски средби беше со четворица лидери, двајца од партиите на власт и двајца од опозициските партии, Пендаровски рече дека овој пат ги повикал лидерите кои самостојно освоиле пратенички места на изборите во декември 2016 година.

Поранешниот пратеник од НДП, Исмет Рамадани во изјава за Локално вели дека ако на избори излезат толку политички партии, нема да ја постигнат посакуваната мобилизација на електоратот, бидејќи Албанците ќе бидат демотивирани да излезат на гласање.

„Мислам дека треба опозициските партии да излезат заедно на гласање, зошто Албанците ако немаат подобра понуда отколку партиите на власт, тешко дека ќе излезат на гласање. Ако и на избори отидат вака поделени, нема да постигнат мобилизација на гласачите“, вели Рамадани за Локално.

СДСМ според него, ќе ги задржи гласачите Албанци кои во 2016 година гласаа за партијата.

„СДСМ ќе ја има таа бројка, тие Албанци кои гласаа за нив веруваат во концептот кој го понуди партијата, „Едно општество за сите“, вели поранешниот пратеник.

По изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека Албанци го прегрнувале и му рекле дека ќе гласаат за него, Рамадани рече дека не верува дека некој би гласал за опозициската партија.

„Ретко Албанци би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, дури се сомневам дека некој би најавил дека ќе коалицира со нив по изборите, иако не исклучувам од други интереси некој од партиите сепак да коалицира“, рече Рамадани за Локално.

Александар Тодески

Слични содржини