Раскинат договорот за концесија со Охридското Езеро, рибарите задоволни од одлуката

од Aleksandar Petrovski

Владата го раскина договорот за концесија на Охридското Езеро со правниот субјект „Летница- белвица“, поради утврдени серија нерегуларности во работењето на самиот концесионер.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски денеска од Охрид појасни дека по серијата реакции од граѓани, рибари, медиумите, ресорното Министерство побарало од Државниот инспекторат за земјоделство и од Агенција за храна и ветеринарство да спроведат вонредни инспекциски проверки, со цел утвдување дали концесионерот го почитува договорот.

– Во записникот е констатирано дека концесионерот не вршел навремена и целосна физичка заштита на рибата од езерото, што е спротивно на договорот. Констатирани се и нерегуларности и во делот на пријавување на вработените и постапките за вработувања, каи ги спроведувал спротивно Законот за рибарство и аквакултура. Концесионерот не водел точна, навремена ниту целосна евиденција на уловената риба. Се на се, концесионерот го прекршил законот по неколку основи, поради што е укинат договорот за концесија, рече Димкоски.

Тој додаде дека во меѓувреме ќе се формира координативно тело од претставнции на институци и субјекти од неколку министерства, со цел заштита на Охридското Езеро и рибниот фонд. Намерата е во овој предиборен период кога не е дозволено распишување повик за нов концесионер да се изнајде начин да се заштити езерото и рибата, но и да се увиди дали постојат евентуални пропусти во самите ловостопанските риболовни основи.

– Секаде каде ќе се утврдат слабости, да се интервенира. Да се координираат заеднички активности, мислам дека тоа ќе биде најдобриот начин да се заштити рибата, истакна Димковски.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ од своја страна посочи дека спроведените комплексни контроли покажале неправилности во фактичката состојба, нерегуларности на работењето на концерионерот во повеќе аспекти. Работено е со непломбирани мрежи, регистрирано е испловување, заловување, фрлање мрежи, откриена и запленета риба од ресторани…Тој истакна дека ќе продолжат дополнителни проверки на работењето на сега веќе поранешниот концесионер, со покренување постапки за одговорност за непочитување на одредбите на договорот за концесија.

Рибарите задоволни од одлуката на Владата за раскинување на договорот за концесија со субјектот „Летница-белвица“, со нагласок дека во иднина треба повеќе да се внимава повеќе кому се дава езерото на концесија. Не исклучуваат можност и самите да се здружат и да дадат своја понуда на наредниот оглас за доделување на езерото под концесија, со забелешка дека тие можеби најдобро знаат како да ја штитат рибата од ловокрадство и да стопанисуваат со рибниот фонд на езерото.

– Мислам дека најдобро е да се даде езерото на рибарите, езерото да се подели на ревири, рибарите сами да ги користат своите делови, како што плаќал концесионерот така ќе ги плаќаме и ние обрвските кон државата. Ќе си вработиме луѓе, ќе има и државата корист од нас, и ние ќе ловиме како што треба, рече Даниел Пејоски, рибар од Радожда.

Тој посочи на криминални активности на Охридското Езеро, од неконтролиран излов на риба, работа на рибарите на црно без договори, дури и во вештачкиот мрест на ендемичниот вид охридска пастрмка, дека дел од подмладокот одгледан по вештачки пат со средства издвоени за порибување на Охридското Езеро се продава на приватни рибници.

Слични содржини