Расте инфлацијата во С. Македонија

од Nikola Popovski

Годишната инфлација во Северна Македонија во август достигна 14,2 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Како што се наведува во соопштението, индексот на цените на мало во август бележи пораст од 14,2 отсто во однос на истиот месец лани, додека индексот на трошоците на животот е зголемен за 16,8 отсто.

Според податоците на Заводот за статистика, индексот на трошоците на животот во август во однос на претходниот месец изнесува 101,3, а индексот на цените на мало 100,6.

Во август, во споредба со јули, трошоците за живот во Северна Македонија се зголемени кај услугите за сместување – 27,6 отсто и централното греење – 14,2 отсто.

Пораст од 6,4 отсто е забележан кај лебот и житариците, свежото и разладеното овошје 3,8 отсто, млекото 3,6 отсто и месото 2,5 отсто, превозот на патници за 2,6 и пивото за 1,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во август 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 4.1 %.

Во август, исто така, намалување на индексот на трошоците на животот е забележан и кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 10.9 %, течните горива за домаќинствата за 10.3 %, воздухопловниот патнички транспорт за 5.3 %, информатичката опрема за обработка на податоците за 3.1 %, туристичките аранжмани за 2.9 %, чевлите и другите обувки за 2.3 %, игрите, играчките и хобијата за 1.5 %, гасот за домаќинствата за 1.4 %, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 1.1 %, велосипедите за 0.8 %, теписите и другите подни покривки за 0.6 %, книгите за 0.3 %, големите алатки и опремата, терапевтските помагала и опремата за 0.2 %. Индексот на трошоците на животот во август 2022 година, во однос на август 2021 година, бележи зголемување од 16.8 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 14.2 %.

Слични содржини