Растот на минималната плата ги качи и пензиите

од Aleksandar Todeski

Мерка за покачување на стандардот кај пензионерите или предизборна појава, беше прашањето кое дел од новинарите му го поставија на премиерот Зоран Заев откако вчера на прес конференција со министерката за финансии, Нина Ангеловска најави над 700 денари дополнително зголемување на пензиите, што со скалестото покачување би значело над 900 денари повеќе за пензионерите во наредната, 2020 година.

„Би сакал да дадеме 1.500 денари дополнително, но реалните бројки зборат од 700 до 730 денари дополнително, за да стигне целосното зголемување до 900 денари реалното покачување на пензиите“, рече премиерот Заев на презентацијата на буџетот за 2020 година.

Пензиите растеа и во минатото, речиси секогаш предизборно. Сепак, во тие моменти не беше покачена минималната плата, која во последните две години се качи од 9.000 денари на 14.500 денари, што даде реален основ да се зголемат и приходите на пензионерите.

Во екот на „бомбите“ кои премиерот Зоран Заев како тогашен лидер на опозицијата ги објавуваше на прес конференции, експремиерот Никола Груевски во 2016 година ги качи пензиите за 5 проценти, односно 600 денари, што тогаш беше најголемо покачување, иако тој пред сите избори ги качуваше. Неговото ветување на изборите во 2016 година, кога и неговата матична партија влезе во опозиција беше дека за 4 години ќе ги качи пензиите за 10,25%.

Покачувањето на пензиите финансиски поткрепен основ, како што се случуваше во минатото, направи дупка во буџетот на ПИОМ, па така секоја година се повеќе пари од државниот буџет се слеваа за исплата на пензии.

Оваа година, како што рече министерката за финансии, Нина Ангеловска, растот е поклопен со покачувањето на минималната плата и намалувањето на невработеноста, па затоа е пораснат и приходот на ПИОМ, со што било овозможено ова покачување без големи последици врз буџетот.

„Пензиите се вкупно предвидени околу 3 милијарди денари, или пензиите во 2020 година би изнесувале околу 60,7 милијарди денари. Колку што растат пензиите, ако на пример пораснале 4,3 милијарди, не расте толку дефицитот, што е доказ дека расте приходот во ПИОМ како резултат на намалување на невработеноста и на покачувањето на минималната плата“, истакна Ангеловска.

Слични содржини