Разликата меѓу државниците и парадните манекени на ништото

од Берта Китинска

Предводникот на големата победа на Британците во Втората светска војна, против нацистичката коалиција на германскиот фирер Адолф Хитлер, британскиот премиер Винстон Черчил ги губи првите избори по завршувањето на најголемата војна во историјата на човештвото, за денеска на истражувањето на јавното мислење на британската нација, една од најмоќните и супериорни нации во светот, Черчил да биде избран и прогласен за „најголем Британец во историјата“. Првиот црн претседател на Јужно африканската република (ЈАР), Нелсон Мандела, по падот на апартхејдот, после скоро тридецениско одлежување во темен затвор, заради неговата борба за рамноправност, наместо да тргне кон одмазда на претходното белото повластено малцинство во оваа постколонијална африканска земја, тој го покажа патот на помирувањето, и покрај тоа што ја платил најголемата цена на својот живот-безмалку половина живот му била одземена слободата. Сепак за повисокото добро на нацијата, тој решил да прости. Разликата помеѓу државниците и обичните популистички лидери кои гледаат само како да се перпетуираат на власт од едни до други избори е во тоа што успесите на државниците најчесто се гледаат многу години подоцна, дури и децении. Во дадениот момент, тие дури и се оспорувани, односно нивните политики и резултати, неретко наидуваат на отпор и неприфаќање од широките народни маси, бидејќи се против дотогаш доминантно воспоставеното генерално јавно мислење по односната тема. Или во превод: државниците носат за ним и нивниот партиски рејтинг непопуларни политички потези, решавајќи тешки национални прашања, кои ги плаќаат најчесто со губење на наредните избори. Сепак, тие го гледаат повисокото добро, напред во временската дистанца, не калкулирајќи со својата лична или партиска кариера.

Премногу драгоцено време изгубивме!

Верувам, дека не постои човек, кој во оваа наша Македонија, особено од етничките Македонци, кај кој немаше фрустрации, гнев и резигнираност од триесетгодишното негирање и спречување на употребата на нашето уставно име, од страна на политичките елити на јужниот сосед. Не треба ни воопшто да се пишува, или пак аргументира дека меѓународното право е на наша страна, дека не постои ни приближно сличен, камо ли ист пример во меѓународниот свет и практика на односите на државите кој можеше да се поистовети со „македонскиот“ случај, и оневозможувањето да си го избереме нашето суверено право на себеименување, односно бирање на името на државата, а со тоа и зачленување во картата на светот (ООН), како сметаме, но колку пати сум пишувал дека самиот живот во суштина е суров, не пак меѓународните политички односи. Нам ни беше џабе што објаснувавме на целиот свет дека сме во право, дека не е нормално тоа што ни се правеше од страна на грчките државни водства, кога од тоа немаше никакво фајде. Само некакви сатисфкации кои на практика, не носеа ништо. Освен мултиплицирање на гневот, бесот и разочараноста, ветата и блокадите од страна на Грците, во однос на нашите европски и евроатлански интеграции не носеа во амбис. Потпишувањето на Преспанскиот договор и решавањето на „гордиевиот јазол“ во македонско-грчките односи, после цели три децении на замрзнати и затегнати политички односи, се уште за повеќе од половината од македонската јавност е чин рамен на национално предавство, да не говорам за припадниците на десниот политички спектар. Сепак, да се потсетиме, како дојдовме до решението „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба (ерга омнес). Сите претходни премиери и претседатели пред Зоран Заев, свесно македонскиот народ го лажеа и манипулираа дека „времето работи за нас“, особено неговиот партиски претходник, екс премиер и претседател на Македонија, Бранко Црвенковски беше махер во таа заблуда на македонските граѓани да им ја сервира, и бевме убедувани дека билатералните признавања, ќе донесат и меѓународно признавање во ООН, и замена на срамната референца „Поранешна југословенска Република Македонија“ (ПЈРМ/FYROM). За улогата на премиерскиот претходник на Зоран Заев, во однос на грчко-македонскиот спор околу употребата на нашето уставно име, азилантскиот будимпештански бегалец, Никола Груевски, и нема потреба да се елаборира и пишува. Неговата „политика“ околу карикатурално-психоопсесивната т.н антиквизација, ги уништи, урниса и упропасти и оние какви-такви симпатии кои до тогаш ние како држава ги добивавме од страна на моќни меѓународни земји, кои знаеја дека сме во право, па дури и даваа изјави дека Грците претеруваат и покрај тоа што Грција беше нивни сојузник во НАТО и ЕУ алијансите. До фамозниот самит на НАТО во Букурешт, во веќе далечната 2008-ма година, кога грчката политичка елита предводена од тогашниот премиер Костас Караманлис и министерката за надворешни работи Дора Бакојани, го употребија инструментот вето, спротиставувајќи се на највисокиот американски интерес за наш влез во НАТО, и удирајќи му „дипломатска шлаканица“, на американскиот претседател Џорџ Буш, ние како земја преговаравме за замена на БЈРМ за меѓународната употреба, не за севкупна. Грчката политичка елита, тоа го смени (фамозното erga omnes), по преименувањето на автопатот Е 75, аеродромот „Петровец“ во Александар Македонски, во 2007-мата година, една година пред клучниот самит на НАТО во Букурешт. Дали Груевски тоа го направил како политичар- испостава на српските тајни служби во македонската политика, за задоволување на српскиот највисок интерес во Македонија за спречување на земјава кон нејзините евро-атлански интеграции, или од негови психопатолошки побуди и потреби за зголемување на сопствениот рејтинг, но и за негово разбирање на „водење на меѓународна политика“, не знам, но на тоа треба историјата да даде соодветен одговор. Се разбира, се во свое време.

Не смееме ни под разно, да потрошиме нови триесет години!

Сето ова погоре го пишувам, во очи на новата 2022-ра година, да направам една реминисценција на нашето нетолку дамнешно минато, и колку ние ги плаќаме скапо грешките од минатото, односно од немањето храброст, визија и државништво на нашите маникенски парадери на ништото во политиката, почнувајќи од Бранко Црвенковски, завршувајќи со актуелниот Стево Пендаровски. Хорхе, не го ставам ни во контекст, зошто човекот беше надвор од секоја здраворазумска димензија, исклучен од реалностите, проблемите и тековите, односно исклучен од времето и просторот во кое живее(в)ме. За памет в глава, како треба да ги решаваме проблемите, одново неправични, но реални и постојни сега со нашиот источен сосед Бугарија, кој се испречи пред нашите европски интеграции. Дали (не)свесно ќе продуцираме замрзнат конфликт, и на крајот ќе платиме неколкукратно многу поголема цена, се разбира на наша штета, или мудро, со заедништво, со помош на американските булдожер дипломати, ќе ја пробиеме што побргу бугарската врата, која во овој момент ни изгледа непробијна, наскоро ќе видиме. Се разбира, за тоа се бараат луѓе со храброст, решителност, воља, визија и државнички интереси, со еден збор-државници!

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини