Реакција до Стоименовска: Исклучувањето на ХЕРА во градењето локални политики на О.Карпош е удар врз демократијата

од Берта Китинска

Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА упати остра реакција во врска со изјавата на Ивана Стоименовска, Претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Советот на Општина Карпош која била објавена на социјалната мрежа Фејсбук на 28 декември 2021 година, при којашто таа јавно повикува на исклучување на невладините организации, посочувајќи ја токму нивната организација, информираат од Хера.

-Ваквата изјава на советничката ја доживуваме како обид да се нанесе штета на угледот и работата на ХЕРА како партнер на Општината, но и удар врз демократијата преку забрана на учество на граѓанските организации во креирањето на локалните политики. Дополнително, без користење на факти советничката ја манипулира јавноста и јавно ја дискредитира и омаловажува нашата организација.

ХЕРА уште од 2019 година активно соработува и ѝ е партнер на Општината Карпош само со една цел – да се подобрат политиките и можностите за вработување на Ромките на локално ниво. Со години наназад ХЕРА технички го поддржува изготвувањето на Локални акциски планови за вработување Ромки, кои содржат активности насочени кон поттикнување на зголемувањето на пристапот на Ромките на пазарот на трудот. Во таа насока, фактите се следни:

Општина Карпош на 51. седница на Советот, одржана на 28 декември 2020 година, го усвои Локалниот акциски план за вработување на Ромки за 2021 година;

Претходниот градоначалник на Општина Карпош Стефан Богоев на 09.06.2021 година донесе заклучок за објавување на Локалниот акциски план за вработување на Ромки за 2021 година;

ХЕРА посредуваше во соработката на Општина Карпош и Министерството за локална самоуправа со цел Министерството да ѝ додели на Општината финансиски средства во висина од 126.760,00 денари што таа би ги користела во рамките на програмата за спроведување на Стратегијата за Роми и дотации на општините кои имаат програми и активности за инклузија на Ромите.

Сакаме да нагласиме дека ниту во минатото, ниту сега ХЕРА не била корисник на финансиски средства од Општината Карпош за каква било активност или проект. Напротив, ХЕРА со својата експертиза и заедно со нашите активистки Ромки, придонесе во буџетот на Општината да се акумулираат дополнителни средства за реализација на активностите од Локалниот Акциски План за вработување Ромки.
Затоа, бараме јавно извинување од советничката на Општина Карпош за искажаните лаги и клевета кон нас, но и кон граѓанските организации кои денес се соработници на Општината. Бараме градоначалникот на Општина Карпош да се огради од изјавата на советничката и да ја продолжи соработката со ХЕРА која е само во интерес на подобрување на социјалната положба на Ромките на територија на општината и за нивни подобар и подостоинствен живот.

ХЕРА и понатаму останува цврсто на ставот да работи со секоја заинтересирана општина во градот која сака да ги подобри социјалните и здравствените политики, особено за ранливите и маргинализираните групи, стои во реакцијата на ХЕРА.

Слични содржини