Реакција на АСОМ: Обложувалниците немаат никаква потреба дополнително да ги обработуваат личните податоци на играчите

од Nikola Popovski

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на наводите на Антикорупциска за наводно перење на пари и злоупотреба на лични податоци во спортските обложувалници.

Од таму велат дека податоци за играчите во обложувалниците се земаат од играчите како би се задржал данокот на личен доход во висина од 15% од сите добитни тикети.

„Обложувалниците немаат никаква потреба дополнително да ги обработуваат овие податоци и истите се користат исклучиво за плаќање на данокот на личен доход од 15% во име и за сметка на државата и за ниту една друга намена. Пред наметнувањето на оваа давачка, спортските обложувалници никогаш не побарувале податоци или обработувале податоци од играчите, ниту имаат потреба од истите“, се наведува во реакцијата.

Дополнително, велат од АСОМ, ДКСК во изјавата неосновано споменува перење на пари без никакво образложение за истото.

„Нагласуваме дека не може да постои перење на пари доколку за исплатените средства е пресметан и платен данокот на личен доход. Обложувалниците уште од 2012 година се поврзани на Надзорниот информационен систем (НИС) на кој се евидентираат во реално време сите уплатени и исплатени тикети, со што евентуалната манипулација е сведена на нула. Покрај на НИС, обложувалниците се поврзани и со Управата за финансиско разузнавање (УФР) до која се доставуваат податоци за уплати и исплати. Согласно ова, сакаме да констатираме дека државата предвидела ефикасен механизам за контрола на работењето на обложувалниците без можности за грешки“, велат од АСОМ.

Во однос на личните податоци на играчите, од таму велат дека земените податоци од играчите се чуваат само до моментот кога ќе се плати данокот на личен доход, а тоа е на дневно ниво и до истите пристап има само обучен кадар кој работи согласно посебни протоколи и согласно позитивните законски прописи за Заштита на лични податоци.

Слични содржини