Реал го промовираше Лопетеги: Ова е најсреќниот ден во мојот живот

од desk4

  Новиот тренер на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги, денеска беше официјално претставен пред медиумите на „Сантијаго Бернабеу“, при што изјави дека ова е „најсреќниот ден“ во неговиот живот.

Педест и едногодишниот Лопетеги досега беше селектор на репрезентацијата на Шпанија, но еден ден пред почетокот на Мундијалот 2018 беше отпуштен, откако стана јасно дека од новата сезона го презема европскиот клупски шампион.

Лопетеги започна во Реал Сосиедад, но како тинејџер се пресели во академијата на Реал Мадрид и токму со дресот на „лос бланкос“ го забележа првиот натпревар во професионалната кариера.

Како фудбалер играшр уште за Лас Палмас, Логронес, Барселона и Рајо Ваљекано. Како тренер тој работеше во „Б“ тимот на Реал Мадрид во сезоната 2008/2009.

Презентацијата на баскискиот стратег започна со обраќање на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, кој рече дека не го разбира разрешувањето на Лопетеги од страна на Шпанската фудбалска федерација.

– Му благодарам на претседателот за довербата. Ја чувствувам моќта на брендот Реал Мадрид. Сакаме и ќе се обидеме да освоиме се. Се чувствувам дел од семејството на Реал Мадрид. Вчера, настрана денот кога мајка ми почина, беше најтажниот ден во мојот живот. Денеска е најсреќниот ден во мојот живот, изјави Лопетеги, откако не пропушти да се искаже позитивно за португалската суперѕвезда на клубот, Кристијано Роналдо.

Лопетеги, исто така, објасни дека првично реакцијата на претседателот на Шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес, по неговото назначување за тренер на Реал Мадрид била „срдечна“, но потоа неговиот став се променил.

Слични содржини