Реал Мадрид го замени Зидан со шпанскиот селектор

од Vladimir Zorba

Реал Мадрид официјално објави дека во новата сезона тренер на тимот ќе биде актуелниот селектор на Шпанија, Хулен Лопетеги. Назначувањето ќе стане факт по завршувањето на Светското првенство во 2018 година.

„Хулен Лопетеги ќе стане тренер на Реал Мадрид по крајот на Светското првенство во Русија“, гласи официјалното соопштение од страна на клубот. „Клубот исто така најавува дека договорот на Лопетеги ќе биде за следните 3 години“.

„Лопетеги ќе се приклучи на клубот по крајот на учеството на шпанскиот национален тим на Светското првенство, откако го водеше репрезентативниот тим во последните 2 години“, се додава во соопштението

Во последните денови за испразнетиот од Зинедин Зидан пост се споменуваа голем број имиња, вклучувајќи Маурисио Почетино и Андре Вилаш-Боаш. Интересно, Лопетеги никогаш не беше споменат меѓу потенцијалните кандидати за функцијата.

На Мундијалот 2018, Лопетеги ќе се соочи лице в лице против еден од главните играчи на „белите“ – Кристијано Роналдо, чија Португалија се наоѓа исто така во група B заедно со Шпанија.

Зинедин Зидан го изненади светот со своето повлекување на крајот на минатиот месец, откако донесе невидено трето по ред признание од Лигата на Шампионите во клупската витрина. Тоа се случи на 26 мај по победата над Ливерпул со 3:1 во финалето во Киев. Пет дена подоцна, легендата на Реал Мадрид ја објави својата одлука да замине.

Слични содржини