Реал Мадрид покажа класа, по петти пат го освои Суперкупот на Европа

од Nikola Popovski

Фудбалерите на Реал Мадрид го освоија својот прв европски трофеј сезонава, совладувајќи го германски Ајнтрахт со 2:0 во натпревар одигран на Олимпискиот стадион во Хелсинки.

Двете екипи претпазливо го почнаа натпреварот, па немаше шанси во првите десет минути. Првата голема шанса Ајнтрахт ја имаше во 14. минута, но Камада од одлична позиција шутираше директно во Куртоа.

Четири минути подоцна, прва вистинска шанса за „Бланкоси“. Бензема обезбеди добра топка лево за Винисиус, кој од прва шутираше прецизно. Топката ќе завршеше во мрежата доколку Тута не го спаси Ајнтрахт со тоа што се најде на гол-линијата.

Како што се приближуваше полувремето, Реал играше со се поголема самодоверба. „Бланкосите“ поведоа во 37. минута.

Бензема со глава го пронајде Касемиро во шеснаесетникот во близина на линијата, а овој со глава исто така ја спушти топката за Давид Алаба, кој немаше потешкотии да ја испрати топката во мрежата во практично празен гол.

До полувремето немаше големи шанси, па на пауза се отиде со 1:0.

Реал во вториот дел не дозволи Ајнтрахт да побегне и да им дозволи на играчите на германскиот тим да го загрозат голот на Куртоа. Згора на тоа, го зголемија поседот на топката и со тоа го спречија Ајнтрахт да создаде опасна шанса.

Реал можеше да го удвои водството, но ударот на Касемиро во 61. минута се одби од гредата.

Вториот гол за „Бланкоси“ дојде во 65. минута. Винисиус почна да продира по левата страна, го пронајде Бензема на работ од шеснаесетникот, а овој шутираше не баш најдобро. Сепак, топката го измами голманот Трап и му мина низ раце за 2:0 за Реал Мадрид.

Кон крајот на натпреварот Реал му го препушти поседот на топката на Ајнстрахт, но нападите на германскиот тим не беа доволно опасни за да го загрозат голот на Мадрид, па конечниот резултат остана 2:0.

Ова беше петти триумф на Реал Мадрид во Суперкупот на Европа, додека Ајнтрахт ќе мора да се задоволи само со првиот настап.

Слични содржини