Референдум во Швајцарија: Црн ден за муслиманите или пат кон еманципација?

од Nikola Popovski

Во Швајцарија, на референдум, со тесно мнозинство гласови беше одлучено да се забрани покривање на лицето во јавност, што се однесува на носењето бурка и никаб.

Според официјалните резултати од референдумот одржан во неделата, 51,2 проценти од гласачите гласале за забраната, додека 48,8 проценти биле против.

Предлогот за забрана на покривање на лицето во јавноста беше инициран од десничарската Швајцарска народна партија (СВП), која спроведе кампања со слоганот „Стоп за екстремизмот“.

Водечката исламска група во Швајцарија изјави дека неделата е „црн ден“ за муслиманите.

„Одлуката отвора стари рани, дополнително го проширува принципот на правна нееднаквост и испраќа јасен сигнал до муслиманското малцинство дека е исклучена“, се вели во соопштението на Централниот муслимански совет.

Се додава дека советот ќе се обиде да ја оспори оваа одлука на суд. Швајцарската влада се изјасни против забраната со образложение дека не е на државата да им диктира на жените што да носат.

Според истражувањето на Институтот во Луцерн, во Швајцарија скоро ниту една жена не носи бурка (која го покрива целото тело и лице, освен очите), а приближно триесет жени носат никаб (превез што го покрива целото лице, освен очите). Од 8,6 милиони жители во Швајцарија, околу пет проценти се муслимани, главно од Турција, Босна и Косово.

Според швајцарскиот систем на директна демократија, Швајцарците имаат право да се изразуваат директно за разни прашања и редовно се поканети да гласаат за повеќе прашања на национални или регионални референдуми.

Ова не е првпат темата на референдумот да биде прашање поврзано со исламот.

Во 2009 година, граѓаните се спротивставија на владиниот совет и гласаа за забрана за изградба на минариња, што беше предложено и од СВП, кое оцени дека минарињата се симбол на исламизација.

Предлогот, кој беше предмет на референдум во неделата, не го споменува исламот директно, а неговата цел беше да ги спречи насилните демонстранти да носат маски на улиците.

Сепак, гласањето во неделата беше главно третирано како „забрана за носење бурка“.

Санија Амети, членка на швајцарската муслиманска заедница, изјавила за Би-Би-Си дека кампањата и начинот на претставување на муслиманките на постерите биле вознемирувачки.

„Толку многу жени муслиманки во Швајцарија ќе се чувствуваат навредени и да не се дел од ова општество. Ние не изгледаме како оние жени на постерите, едноставно не изгледаме така“, рекла Амети.

Сепак, има и такви во муслиманската заедница кои ја поддржаа забраната за покривање на лицето.

Имамот Мустафа Мемети од Берн за британската служба изјави дека мотивот зад кампањата е „веројатно исламофобичен“.

Сепак, тој нагласи дека ја поддржува забраната затоа што може да помогне во еманципација на муслиманските жени во Швајцарија.

Пред гласањето, Валтер Вобман, претседател на комитетот за референдум и пратеник на СВП, рече дека покривањето на лицата на муслиманките е „симбол на тој екстремен политички ислам кој станува се поизразен во Европа и за кој нема место во Швајцарија “.

„Наша швајцарска традиција е да го покажеме лицето. Тоа е симбол на нашите основни слободи “, рече Вобман.

Слични содржини