Реформа на МТСП: Социјален работник за секое семејство до извлекување од сиромаштија

од desk3

Скопје деновиве е домаќин на регионалната конференција „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата“. Тема на разговорите на двете денепни панел дискусии беше улогата на социјалните услуги, управувањето со случај и приходните трансфери во намалувањето на сиромаштијата.

Душан Томшиќ, претставник на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), истакна дека Западен Балкан има силна традиција во давање на услуги за социјална заштита и грижа преку Центрите за социјална работа. Меѓутоа, во многу од овие земји таквите центри честопати се поделени според различните професионални одговорности и не нудат сеопфатна проценка на ранливостите на децата.

„Со социјалната реформа, МТСП воведе и управување со случај. Ова значи дека секое семејство добива социјален работник кој ќе се грижи за потребите на членовите и ќе го води нивниот случај од почеток до крај“, рече Душан Томшиќ.

Сузана Борнарова од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје истакна дека без соодветни инвестиции во услугите за социјална заштита и грижа, паричните трансфери нудат само делумно решение.

„Со него не се опфатени скриени ранливости, како дискриминација, психо-социјални проблеми или ментално здравје, коишто можат да ги доведат семејствата во сиромаштија или материјална обесправеност“, рече таа.

Алфонсо Лара Монтеро, од Европска социјална мрежа, истакна дека управувањето со случаи е предмет на промени и треба да се менува согласно потребите на општеството.

„Развојот на услуги како што се патронажна служба, грижа за деца и развој на предучилишно образование придонесуваат за намалување на сиромаштијата, посебно на детската сиромаштија“, смета тој.

Божидар Дакиќ, директор на Заводот за социјални работи на Србија, истакна дека секоја земја треба да работи на јакнење на капацитетите на локалните центри.

„Важно е локалните самоуправи да се вклучат во испораката на социјалните услуги бидејќи социјалните ризици се глобални, а решенијата се секогаш исклучиво локални“, рече Дакиќ.

На последната панел дискусијата за денеска, посветена на приходните трансфери и ефекти врз намалувањето на сиромаштијата беше речено дека целта на овие трансфери е да се заштитат ранливите семејства од ризиците.

„Нивна крајна цел е обезбедување на поддршка за граѓаните да почнат да заработуваат доволно за да се грижат за себе, трајно да излезат од сиромаштија и да не останат зависни од системот. Во Северна Македонија се внесени нови начини и средства кои ќе водат до намалување на сиромаштијата“, рече Јамеле Риголини, лидер на програмата Светска банка.

Маја Геровска Митев од Филозофскиот факултет при УКИМ смета дека пристапот до правата пред реформите бил многу потежок и не водел до намалување на сиромаштијата.

„Клучната цел на ваквата реформа е зголемување на пристапноста со детскиот и образовниот додаток и пристапноста до услуги. Една од целите на реформата беше поголем пристап и покриеност со социјална заштита. Проекцијата е дека околу 90.000 деца ќе добијат пристап од моменталните 23.000, рече Геровска Митев.

Конференцијата продолжува утре со нови четири панел дискусии.

Слични содржини