Регистарот на портали „врие“ од грешки, од ДИК велат дека ќе го корегираат

од Aleksandar Todeski

Онлајн медиуми створени за избори. Вака во една реченица би се опишале дел од оние 240 онлајн медиуми на листата на Државната изборна комисија, кои ги задоволиле критериумите за да се тркаат за партиски реклами.

 

Во регистарот оваа година, освен оналјн медиумите, во борба за реклами од изборите влегоа и компанија која нуди хостинг услуги, портал на англиски јазик кој служи за промоција на Скопје, портали кои генерираат дури и по една вест неделно, а голем дел се без импресум и контакт информации.

Додека на оние портали чиј домен е „.мк“ може лесно да се види сопственичката структура, во регистарот на ДИК има и портали со домени „.info“, „.live“, „.news“, „.tv“, „.com“ и слично, кои не се регистрирани во Македонија и може лесно да го сокријат сопствеништвото.

„Локално“ го проверуваше регистарот на медиуми кои се најдоа на страната на Државната изборна комисија, каде освен големата бројка на портали, наидовме и на повторување на неколку портали, згрешено име на портали, но и неколку непостоечки домени, како на пример „kumanonews.mk“ и „neshes.mk“.

Портпаролот на Државната изборна комисија, Адмир Шабани вели дека грешки има, бидејќи под притисок на медиумите, регистарот бил објавен набрзина, па затоа истиот ќе биде корегиран.

„Регистарот ќе подложи на корекции. Првичната верзија беше објавена под притисок на медиумите кои сакаа да видат дали ги исполнуваат условите, па затоа има неколку технички грешки, што не е проблем. На крајот, самите портали ќе бидат оние кои ќе склучат договори со политичките партии, односно носителите на лсити за рекламирање“, вели Шабани за „Локално“.

Онлајн медиумите кои нудат информации на повеќе јазици пак, во борбата за реклами влегуваат со сите верзии на порталот. Таков е случајот со „Република“, која се регистрирала како Република на македонски, англиски и албански јазик. Телевизиите пак, одлучиле освен за екранизираните рекламни пораки, да конкурираат и за банери на порталите, исто како и весниците, дневните и неделните, кои за реклами конкурирале и како весници и како портали.

А.Т.

 

Слични содржини