РЕК Битола: Се санира Блокот 3

од Nikola Popovski

РЕК Битола информира дека во моментов работи со два блока – Блок 1 и Блок 2 и дека сè уште и во континуитет преземаат активности за санација на трансформаторот на Блок 3 кој беше оштетен во пожар на 5 ноември 2021.

– Дали и кога постројката ќе биде во можност да произведува електрична енергија зависи од мислењето на стручни лица од РЕК Битола, од електротехничките факултети во Битола и Скопје, експерти од Белград и стручни лица од енергетските компании во земјава. Дотогаш, контроли и обиди за ставање на трансформаторот во функција ќе се случуваат во континуитет, соопшти АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола.

Во соопштението, РЕК Битола ги оценува како „несериозни и злонамерни“ намерите да се коментираат состојбите во комбинатот од, како што наведува, „лица кои не се добро информирани и на никаков начин не се инволвирани во напорите за санација на трансформаторот на Блок 3“.

– Навистина, со техниката, особено во енергетиката, нема играње, поради што сме убедени дека конечно ќе запрат паушалните изјави и импровизации со сомнителни цели, пишува во соопштението на РЕК Битола.

Ова следува откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Блокот 3 на РЕК Битола повторно не работи.

-Станува збор за истиот трансформатор којшто се запали во ноември, а беше наводно минат низ процес на ремонт. Сега пред неколку дена истиот трансформатор го исфрла цел Блок 3 на РЕК Битола од употреба, Стевче Антовски, член на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини