„Рекет“: Боки земал уметнички дела да му седат дома како реклама

од Vladimir Zorba

Во Кривичниот суд во Скопје, денеска продолжува судењето за предметот „Рекет“. На денешното рочиште, бизнисменот и ексградоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ, синот на осомничениот бизнисмен во „Империја“ Цветан Панделески, Дејан, и сопругот на пратеничката Фросина Ременски нема да сведочат во овој судски процес.

Судијката Васка Николовска – Масевска утрово на почетокот на судењето соопшти дека адвокатот на Бојан Јовановски – Боки 13, Сашко Дукоски поднел известување до судот декс ги повлекува овие три лица од листата на сведоци.

Денеска, во судот како прв сведок сведочи Марија Јанковска.

Таа во своето сведочење истакна дека Бојан Јовановски го познава околу 15 години.

„Боки го знам уште од првата тринаеска. Јас имам оптика, а тој ме побра за да му бидеме спонзори на проектот што го работеше“, рече Јанковска.

Таа истакна и дека со Боки се дружела приватно, одела на одмори, но дека никогаш тој не и плаќал ништо.

Александар Кртов, сопственик на галерија беше втор сведок на денешното рочиште.

Според него кога Јовановски го уредувал својот дом во Орман, му дал осум уметнички дела, за да стојат кај него неколку месеци како реклама, бидејќи, како што рече, Боки 13 бил позната скопска фаца.

„Немавме склучено договор, но имам реверс дека сум му дал уметнички дела на Јовановски. Тоа е пракса на секоја галерија, се обидуваме на секој начин да се испромовираме. Ги даваме на одреден период и тоа најчесто биле оригинални уметнички дела. На Јовановски му имам дадено пет слики од Личеноски, една од Мартиновски“, рече Кртов.

Сергеј Варошлија во своето сведочење посочи дека Боки го знае скоро 15 години.

Со него работел на повеќе проекти но истовремено се дружеле и приватно.

„Јас и Лазар Јанев заедно со Анета Кочишки делевме иста канцеларија. Лазар ми помогна многу во сверата на правото“, истакна Варошлија.

Според него, Ана Камчева ја познава бидејќи му била клиентка, а Зоран Милевски го познавал од град.

„Тој често доаѓаше во теливизијата на Бојан, одевме заедно по слави, родендени, се дружевме и приватно“, сведочеше Варошлија.

Варошлија раскажа дека Јовановски бил близок многу со неговата баба Евгенија и дека таа како што рече, му оставила материјални добра на својот внук Јовановски за да го обезбеди.

„Бојан беше многу модно освестен, и беше многу интересен на многу модни дизајнери, кои го повикуваа на модни ревии и му подаруваа парчиња брендирана облека“, сведочеше Варошлија.

Тој посочи дека во една прилика Зоран Милевски во телевизијата дошол со Ана Камчева.

На сведокот прашање му постави и обвинителката Вилма Русковска. Таа го праша дали му е познато дека кај Јовановски нашле фискални сметки за брендираната облека, на што приговараше адвокатот Сашко Дуковски.

И.Р.

Слични содржини