Рекордна инфлација во Турција, храната поскапе за 94 отсто

од Nikola Popovski

Инфлацијата во Турција минатиот месец се искачи на околу 79 отсто – највисоко ниво забележано во земјата во последните четвртина век.

Годишната стапка на инфлација во јуни изнесува 78,62 отсто, покажуваат денешните податоци на турскиот статистички институт. Месечниот раст на потрошувачките цени изнесуваше 4,95 отсто.

Цените на транспортот скокнаа во јуни за 123,37 отсто во однос на претходната година, додека храната и безалкохолните пијалоци поскапеа за 93,93 отсто, покажуваат владините податоци.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган во изминатите неколку години се спротивстави на какво било зголемување на каматните стапки за да се залади инфлацијата, велејќи дека каматните стапки се „мајката на сите зла“. Последиците од таа политика се ненадејниот пад на турската лира и значителната ерозија на потрошувачката моќ на просечниот вработен во Турција.

Ердоган и наложи на централната банка, која според аналитичарите не е независна од него, да ја намали референтната каматна стапка неколку пати во 2020 и 2021 година, иако инфлацијата продолжи да расте.

Основната каматна стапка минатата есен постепено се намалуваше на 14 отсто и оттогаш остана на истото ниво. Лирата минатата година падна за 44 отсто во однос на доларот, а од почетокот на оваа година ослабе за 21 отсто во однос на американската валута.

Турската влада воведе неортодоксна монетарна политика во обид да ја зајакне лирата без да ги зголеми каматните стапки. Кон крајот на јуни, турскиот банкарски регулатор објави забрана за заеми во лири на компаниите кои поседуваат, според него, премногу странска валута, што накратко ја зајакна лирата, но ја зголеми неизвесноста кај инвеститорите кои ја доведуваат во прашање одржливоста на мерката.

Слични содржини