Ременски: Македонија треба да се води од поширокиот регионален и глобален интерес во однос на Авганстан

од Берта Китинска

По одлуката на САД да ги повлече своите воени сили од Авганистан, нападите на Талибанците го достигнаа својот врв.Деновиве сме сведоци на страотни снимки од Кабул и околината, каде гледаме луѓе кои панично се обидуваат да се качат на некој од авионите и да заминат од земјата.За тоа дали Европа ја очекува „река“ бегалци  и дали  повлекувањето на американските војници и преземањето на власта од страна на Талибанците ќе ги разоткри погрешните процени на Вашингтон, „Локално“ поразговара со професоркaта Фросина Ташевска Ременски.

-Една цела генерација млади, изградени Авганистанци (мажи, жени) го почувствуваа духот на демократијата и недискриминацијата во изминатите години и можат да направат разлика од времето на тоталитарниот „Исламскиот емират на Авганистан“ до 2001 година кога Талибанците го практикуваат тврдото исламско шеријатско право. Голем е бројот на жители на Авганистан кои не сакаат да живеат повторно во тоа време, затоа по секоја цена настојуваат да го напуштат Авганистан и да не станат жртви на Талибанците, вели Ременски, додавајќи дека  по логика сите Авганистанци кои не сакаат да станат жртви на Талибанците сакаат да го напуштат Авганистан.

-Тогаш факт е дека во Авганистан ќе останат нивните поддржувачи, следбеници и луѓето кои нема да можат да заминат, додека сите останати ќе бидат примени како бегалци во околните земји и пошироко. Тоа подразбира бегалски бран кој нема да дојде само од Авганистан, туку и од регионот и нема да ја има формата на движечка колона која сме научени да ја гледаме постојано по случувањата во Сирија. Турција и на овој план ќе има значајна улога, затоа што и САД и Европа ќе сметаат на бегалскиот одговор на Турција кој сигурно ќе биде финансиски поддржан од повеќе страни, објаснува Ременски.

Според Ременски проценките за состојбите во Авганистан и во Ирак 20 години подоцна не можат да се оценат како „погрешни“ или да се препишат само како одлуки на САД.

-Одлуки беа донесени во рамките на ООН како колективен систем за безбедност, а во нивно спроведување учествуваше НАТО Алијанската преку земјите на сојузничките коалиции во глобалната војна против тероризмот, независно дали тие се членки на НАТО или не. Она што треба да се преиспитува во иднина се ефектите од неколкуте склучени договори за стратешка соработка помеѓу САД и авганистанските влади изминатите години и преговорите со Талибанците. Факт е дека, договорите даваа резултат, но се бараше основа за воспоставување на економска и секаква друга поддршка за развој на Авганистан и замена на воените со цивилни мисии како поддршка на владите. За жал се покажа дека, спроведувањето на цивилните мисии зависаат од военото присуство што е невозможно да трае до недоглед од секаков аспект.Она што според мене е поголем проблем за ООН и НАТО како колективни системи за безбедност во овие моменти е поделеноста во донесувањето на одлуките, односно немањето консензус од сите постојани членки на СБ околу прашањата како и што понатаму во Авганистан. Ова е кулминација на потребата од долго очекуваното реформирање на ООН по иновирани принципи и реалност од 21-от век, смета професорката.

Таа вели дека познавачите на безбедносна политика го препознаваат различното толкување на безбедносните приоритети на глобален план.

-Големите играчи во СБ се почесто одлуките ги носат врз основа на оценка на сопствениот интерес и влијание, отколку според принципот на зачувување на глобалниот мир и колективни насочени делувања кон заканите и ризичните региони и земји. Ако ги погледнете одлуките на СБ на ООН кои се однесуваат на воените интеревенции од 1999 година до денес, ќе ја видите таа поделеност помеѓу САД и европските сојузници од една страна, и Русија и Кина од друга страна. Сирија е најсвеж пример за таа поделеност која резултираше со милиони раселени, илјадници цивилни жртви (деца, жени) и подем на милитарното движење на исламистичката држава ИСИС, и отсуство на одлука за воена интеревенција.Со право е загриженоста кај владите на земјите во Европа кои со години учествуваа во мисиите во Авганистан, вклучително и нашата. Таа загриженост сега се изразува преку прашалници и преку извичници, односно преку прашањето: Дали финансиските издвојувања (во милијарди) и влогот во човечки ресурси преку програмите и мисиите го дале резултатот, ако тој на крајот се сведува на враќање на состојбите од 1996 година и владеењето на тоталитарниот „Исламскиот емират на Авганистан“ (Талибанците)?; и, итното барање за донесување одлуки кои се однесуваат на три аспекти: 1) хуманитарната димензија кон населението што останува и заминува од Авганистан по враќањето на Талибанците; 2) иднината и влијанието на земјите од Блискиот Исток на националната, регионалната, глобалната и европската безбедност; 3) финансиската страна на хуманитарната и безбедносната димензија, објаснува Ременски.

Во однос на тоа дали сега Авганистан може да стане центар за „одгледување“ на терористи и да стане уште поголема закана за Западните земји, Ременски сметам дека во овој момент опасноста е малку поголема од она што до вчера се подразбирало како тероризам.

-Отсуството на воено присуство во Авганистан, но и најавата за целосно повлекување на американската војска од Ирак (освен персоналот за обука на ирачките безбедносни сили) може да ја поттикне и катаализира обединувачката моќ на сите милитантно различни организации, но религиски исти или слични во една сила против западните влијанија и принципи на демократијата. Тука за истакнување е подемот на ИСИС, сеуште присутната и активна мрежа на Ал-Каеда, новите милитантни религиски групи, Талибанците кои до 2001 година покажаа како се спроведува исламскиот шеријатски закон и честитките на Хамас за успехот на Талибанците.Она што не го знаеме до крај се резултатите на тајната дипломатија која очигледно во Авганистан и пошироко ја практикувал секој со секого, коментира таа, напоменувајќи дека никој не знае точно дали постои или не постои нечии таен план или договор со Талибанците, и кој го постигнал.

-Забележана е промена на тактиката на Талибанците при движењето кон северот на Авганистан и влезот во Кабул кој се сметаше за упориште на сојузничките сили. Прогласувањето на некаква „општа амнестија“ за сите кои соработувале со сојузничките сили во Авганистан, може да се анализира во две насоки: 1) како обид за неутрализирање на притисокот на Авганистанците кон меѓународната заедница од која се бара реакција-акција врз Талибанците веднаш; и, 2) обезбедување на поддршка од Авганистанците за враќање на талибанската влада која можеби нема (?) да има форма како тоталитарниот „Исламскиот емират на Авганистан“ од 1996 година.Една цела генерација на млади, изградени Авганистанци (мажи, жени) кои го почувствуваа духот на демократијата и недискриминацијата во изминатите години, бара да го напушти Авганистан и да не станат жртви на Талибанците. Ако одиме по логиката дека, сите Авганистанци кои не сакаат да станат жртви на Талибанците сакаат да го напуштат Авганистан, тогаш факт е дека во Авганистан ќе останат нивните поддржувачи, следбеници и луѓето кои нема да можат да заминат. Додека сите останати ќе бидат примени како бегалци во околните земји и пошироко, смета професорката.

На прашањето дали  Русија, Кина и Турција, можеби ќе го „освојат просторот“ напуштен од САД, според  за Ременски принципот на носење на одлуките ќе бидат врз база на сопствениот интерес (економски, трговски, воен, политички итн.) кои станува доминантен во колективниот систем за безбедност за креирање политики-ООН.

– Секако дека тоа не значи во целост исклучување на глобалните интереси на светската заедница, но приматот е ставен на валоризација на интересите на секој што е значаен во регионот на Блискиот Исток.Турција е значаен и во моментот незаменлив фактор за безбедноста на регионот на Црно Море и Блискиот Исток. Би било навистина опасно доколку Турција донесеше одлука за повлекување од Авганистан. Турција во моментот е најзнаачаен партнер на НАТО и САД. САД и Турција постигнаа договор за безбедноста на Меѓународниот аеродром во Кабул „Хамид Карзаи“ што и до сега беше под команда на турските сили во НАТО мисијата. Аеродромот се смета за прозорец кон светот, за клучна и најзначајна точка за хуманитарните операции и идните дипломатски односи со Авганистан. Турција ќе го обезбедува аеродромот и нема да учествува во воени операции како досега. Присуството на Турција во Авганистан долгорочно ќе го зголемило влијанието на Турција во регионот. Северен Авганистан дели заеднички граници со Узбекистан, Туркменистан и Таџикистан што отвора широка територија, вклучувајќи го туркискиот свет. Тоа може да и помогне на Турција во развивање на блиски стратешки односи со тие земји. Турција има стратешки односи и со Пакистан кој пак отсекогаш ги поддржувал Талибанците, објаснува професорката, додавајќи дека присуството на Турција во Авганистан може да придонесе во зајакнување на соработката со Пакистан.

-Иран и Саудиска Арабија како ривали и влијателни актери во регионот, не би сакале Турција да добие нов ангажман во Авганистан. Иран го гледа Авганистан во рамките на својата природна сфера на влијание. Иран на Талибанците гледаше како на средство на Саудиска Арабија за стекнување влијание во регионот во текот на 1990 година и го подржа (тогаш) Северниот сојуз против него, соработуваше со Талибанците против присуството на другиот сопарник во Авганистан, САД, со промена на состојбите во 2000 година. Иран во моментот ги одржува односите и со администрацијата на Кабул и со Талибанците. Тоа се оценува како подготовка за новиот период во кој треба да се трасираат иранските интереси и сферата на влијание во Авганистан.Сметам дека, Русија има одредена резерва кон случувањата во Авганистан која се должи на мината чувствителност во врска со руско-авганистанските односи и воени судири. Исто како и Иран, и Русија има врски и комуникација и администрацијата во Кабул и со Талибанците. Познато е декаа, Москва изминатите месеци беше домаќин на неколку мировни преговори помеѓу завојуваните страни во Авганистан. Она што е видливо е дека, преку критиката на САД и НАТО за присуството во Авганистан, Русија изразува отворено негодување Турција како членка на НАТО, да се здобие со влијание во регионот. Русија има лоша репутација меѓу Авганистанците поради сите негативни минати искуства од времето на Советскиот Сојуз. Покрај ова (што е предност на Турција), Русија има ограничено влијание и средства за стекнување на влијание допрва во Авганистан, што го дава одговорот на прашањето зошто рускиот однос кон Авганистан е недефиниран, коментира Ременски.

Според неа  Кина како растечка сила во овој регион има сериозна безбедносна загриженост од новонастаната состојба во Авганистан, од причина што постои сериозна соработка и координација на Талибанците со Туркиското исламско движење кое дејствува во регионот Синџијанг.

-Кина, иако ги подобри односите со Талибанците во изминатите години преку Исламабад, што во моментот се смета за латентна поддршка на Талибанците, сепак Кина никогаш не успеа да ја спречи нивната тајна соработка и заемна поддршка. Кина во случувањата со Авганистан ќе го брани исклучиво својот економски интерес, а тоа е безбедност на кинеската иницијатива „Појас и пат“, во која вложи милијарди долари во изминатиот период. Од тие причини, кинеската поддршка на Пакистан од една страна, и добрата турско-пакистанска соработка, може да претставува реално сценарио за воспоставување стабилност и мир во Авганистан, во контекст на улогите на силите во регионот.Иако многу јасно може да се искристализира идната водечка улога на Турција во Авганистан и поширокиот регион, останува да се види дали ќе има промена на пристапот и мисијата на Турција на ниво на билатерала. Ова е отворено прашање, затоа што Талибанците неодамна изјавија дека, иако Турција ја сметаат за братска земја, сепак доколку таа остане да делува како членка на НАТО во Авганистан, тогаш не би имале различен однос како кон САД и останатите НАТО земји. Останува да се види дали Турција, покрај Пакистан и Катар може да ја понесе улогата на посредник помеѓу завојуваните страни во Авганистан и гарантор на стабилноста на регионот, смета проф.Ременски.

На прашањето дали С.Македонија треба да се подготви, како и институциите, за големиот бран на бегалци, Ременски објаснува дека од 2015 година па наваму, ние сме транзитна земја за бегалци од Блискиот Исток и економски мигранти од Северна Африка.

-Минорна е бројката на баратели на азил од бегалците, што не значи дека државата не мора во секое време и постојано да биде подготвена за движења и случувања кои носат епитет – кризни или хуманитарни, вели таа.

Авганистанци се на удар на Талибанците и треба да им се помогне

Ако добро ги следите изјавите на европските НАТО членки (Германија, Британија …) ќе забележите дека, сојузничките сили на НАТО во Авганистан (меѓу кои сме и ние како држава) и цивилните мисии на ЕУ, години наназад имале сериозен човечки потенцијал од Авганистанци кои соработувале и биле ангажирани во задачи кои произлегуваат од мисиите. Станува збор за Авганистанци од Кабул и други окрузи кои биле силна поддршка на сојузничките сили и делат западни вредности. Сојузниците чиишто дел сме и ние како земја изразија загриженост и спремност да им обезбедат излез на сите свои соработници од Авганистан. Сигурно во тој дух била изјавата на премиерот Заев. Независно кој што изјавил, факт е дека дека овие Авганистанци ќе биде на удар на Талибанците и дека треба да им се помогне, коментира Ременски.

Според неа Талибанците иако излегле со проглас за „општа амнестија“ заради соработката на сите Авганистанци со САД и сојузниците, никој не верува дека некому би му било простено.

-Дополнително, голем број на образовани жени кои подемот на својата еманципација го достигна изминативе 20 години, знаат дека примената на исламскиот шеријатски закон од страна на Талибанците како до 2001 година ќе им го загрози и животот и иднината во Авганистан. Тоа не треба да се дозволи.Македонија како дел од меѓународниот поредок кој дели обврзувачки обврски од меѓународното хуманитарно и воено право, независно дали сме или не на НАТО, а во овој случај и како членка на НАТО, по однос на прашањето кон Авганистан треба да се води од поширокиот регионален и глобален интерес во кој како актери се дефинираат САД како наш стратешки партнер, ЕУ кон која тежнееме (нејзините водечки членки) и Турција како моќен фактор на стабилноста на Блискиот Исток. Во овој триаголник треба да се димензионираат и да се насочуваат сите наши одлуки како земја која не може да влијае на големи одлуки од кои можеби зависи и нашата безбедност.П.С Имав прилика во 2018 година да го посетам Кабул и Мисијата ИСАФ во кои активен придонес имаат нашите војници. Во тој период во непосредна близина на воената база на свадбена веселба бомбаш самоубиец уби повеќе од 67 лица и рани околу стотина. Сведочев на експресната воена мобилизација на базата, за посветеноста на секој војник и за неизмерните пофални зборови на турската команда на Аеродромот „хамид Карзаи“ за нашиот персонал и за пофалните зборови на неколку спасувачки мисии на нашите војници сместени во Главната воена команда во Кабул, објаснува таа.

Б.М.

Слични содржини