Renault слави 30 години од Twingo: Интерактивна кампања за новиот модел

од Vladimir Zorba

Renault започнува интерактивна кампања „Reinvent Twingo“ и ја поканува јавноста да создаде своја верзија на Twingo со помош на вештачка интелигенција. Дигиталните креации на јавноста потоа француската марка ќе ги искористи за да создаде вистински концепт автомобил.

Пргав, компактен и достапен, Twingo совршено го отелотвори концептот на Renault за возило за живот (fr. voitures à vivre). Сепак, по исклучително успешната прва генерација на ова градско супермини, втората и третата генерација Twingo не успеаја да го повторат успехот во тој размер.

Renault сега ја поканува јавноста повторно да го измисли тој легендарен модел со помош на вештачка интелигенција. Доставените дигитални креации потоа ќе се користат за производство на вистински концепт автомобил!

„Иако не толку одамна беше резервирана само за технолошката елита, вештачката интелигенција сега е достапна за секого со само три клика. Оваа нова достапна технологија им овозможува на сите луѓе да ги поместат границите на сопствената имагинација. Со вклучување на најшироката заедница во овој креативен процес, сакаме да му оддадеме почит на легендарниот Twingo.Со помош на вештачка и човечка интелигенција, ќе го произведеме првиот концепт автомобил кој директно се базира на дизајнерските решенија на јавноста“, додаде Арнауд Белони, глобален маркетинг директор на Renault.

Во лет, под вода, во вселената, од чоколадо или што и да ви падне на памет. Можностите се бескрајни. Од 1 февруари до 31 март 2023 година, јавноста ќе има можност да создаде, замисли и повторно да го измисли Twingo со помош на генеративни алатки засновани на вештачка интелигенција како Midjourney, Stable Diffusion и Dall-E.

Со едноставно внесување на неколку клучни зборови, корисниците ќе можат да ги користат овие високо ефикасни и лесно достапни алатки за генерирање слики за да креираат решенија за дизајн. Тие потоа ќе можат да ги достават своите креации така што ќе ги споделат на социјална мрежа по свој избор со хаштагот: #ReinventTwingo.

Слични содржини