Ресторани нудат попусти за вакцинираните: „Прва доза 10 проценти, втора доза 20 проценти“

од Nikola Popovski

Три ресторани во Дубаи им нудат попусти на гостите вакцинирани против коронавирус, објавено е на социјалните мрежи.

Веста беше објавена во време кога ОАЕ ја забавува вакцинацијата поради доцнење во испораката на вакцини од страна на компаниите „Фајзер и Бионтек“.

Во Дубаи се отворија рестораните, хотелите и продавниците, со што повторно се отворија границите за туристите да го оживеат овој важен сектор за економијата.

„Првата доза: 10 проценти попуст. Втората доза: 20 проценти попуст“, објавија трите ресторани на Фејсбук и Инстаграм, прецизирајќи дека за тоа ќе биде потребен „доказ“ како лекарско уверение.

Дубаи, еден од седумте емирати што ги сочинуваат Обединетите Арапски Емирати, започна кампања за вакцинација во средината на декември, откако беа одобрени кинеската вакцина Синофарм и американско-германскатаФајзер и Бионтек.

Сепак, здравствените власти објавија забавување на вакцинацијата со вакцината Фајзер за време на викендот поради доцнење во испорачувањето.

Во овој контекст, владата одлучи да ограничи одредени активности и да ги зајакне мерките за физичко дистанцирање.

Властите ги повикаа жителите да пријават прекршување на мерките преку мобилна апликација.

Според официјалните податоци, повеќе од два милиони луѓе примиле вакцина од вкупно 10 милиони жители.

Регистрирани се над 280.000 случаи на коронавирус на Емиратите, а речиси 800 луѓе починаа.

 

Слични содржини