Ристески за летното сметање на времето: Предлогот ќе има позитивни ефекти врз работниот процес и приватниот живот на работниците

од Берта Китинска

Во услови на енергетска ,економска криза, висока инфлација, секојдневно зголемување на прехрамбените и другите продукти,Владата да донесе мерка за намалување на платите на вработените мислиме дека е непромислен потег и дека истата нема да се реализира, вели во разговор за „Локално“,претседателот на КСОМ Марјан Ристески .

Ристески во врска со мерката која пред неколку дена премиерот Ковачевски ја предложи како еден од начините за намалување на трошоците согласно Планот за фискална одржливост, потенцира дека револтот кај вработените е огромен и неиздржлив, појаснувајќи дека нивниот синдикат на вчерашниот состанокот на Економско социјалниот совет ги информирал челновите дека е прашање на време кога своето незадоволство ќе го изразат преку протест.

-Нашиот став е дека треба да се покачат платите преку законот за усогласување со минималната плата.Револтот кај вработените е веќе огромен и неиздржлив.

Што се однесува до компаниите можеби ќе заштедат некои средства ,ама најверојатно ќе изгубат од продуктивноста бидејќи, работниците ќе бидат разочарани од таквата мерка.Ние како синдикат разговараме со членството и прашање на време е кога ќе го искажеме нашето незадоволство од воведените мерки. А, тоа вчера јавно го соопштивме на состанокот на Економско социјалниот совет, вели тој.

Во врска со предлогот за задржување на летното сметање на времето, кое според надлежните би помогнало да се заштеди струја, Ристески вели дека за оваа мерка за заштеда на електрична енергија „нема да има никакви негативни ефекти врз работниот процес“.

-Нашиот став е дека таа одлука е во ред . Мислам дека нема да има никакви негативни ефекти врз работниот процес, напротив ќе има доста позитивни ефекти како врз работниот процес така и врз приватниот живот на работниците и граѓаните, смета претседателот на КСОМ.

Економско-социјалниот совет вчера одржа седница на која се дискутирало за даночната реформа, годишниот Извештај за работата и функционирањето на Економско-социјалниот совет за 2021 година, иницијатива за ратификација на три конвенции на МОТ за БЗР во три сектори – рударство, градежништво и земјоделство, како и за барањето за надминување на последиците предизвикани од високите сметки за електрична енергија во компаниите.

-На седницата на ЕСС учествуваа и претставници на нерепрезентативните синдикати и бизнис конфедерацијата на Македонија. Покрај редовните точки од дневниот ред, во фокусот на седницата беа антикризните мерки на владата, како и предлог мерките од страна на социјалните партнери, кои понатаму по нивно допрецизирање, по заклучок на ЕСС ќе бидат доставени на разгледување од страна на владата, соопштија од Министерството за транспорт и врски.

Според министерството, министерката Јованка Тренчевска, ги уверила членовите на Економско-социјалниот совет дека имајќи ги во предвид актуелните состојби во државата седниците на советот ќе се реализираат зачестено.

Б.М.

Слични содржини