Ристоска кон Пендаровски: СЈО не се распадна затоа што стана дел од организиран криминал

од Vladimir Zorba

Поранешната специјална обвинителка, Ленче Ристоска, по изјавата на претседателот Стево Црвенкоски во која тој рече дека Специјалното јавно обвинителство станало дел од организираниот криминал, преку својот Фејсбук профил побара шефот на државата да се извини за кажаното.

„Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал“, изјави Пендаровски.

Претходно преку соопштение извинување побараа и поранешните вработени во СЈО.

„Кога Претседател на држава дава генерализирана квалификација дека цела институција, алудирајќи на Специјалното јавно обвинитество, станала дел од организираниот криминал, тој не само што изнесува невистини и клевети кои засегаат во кредибилитетот на сите кои работеле во Специјалното јавно обвинителство и на нивната работа, не само што го прекршува уставното начело на пресумпција на невиност (се уште нема правосилна пресуда за никој од тоа обвинителство која упатува на инволвираност во организиран криминал), туку и од позиција на авторитет влијае на креирање на перцепцијата и јавното мислење за причините поради кои повеќе не постои СЈО“, пишува Ристоска на Фејсбук.

„Нема да навлегувам во дебатите кои се водеа помеѓу сите клучни чинители за носење на новиот закон за Јавно обвинителство, нема да го елаборирам моето мислење за новиот Закон за јавно обвинителство, нема да го коментирам начинот на кој СЈО згасна, но ќе кажам дека СЈО не се распадна затоа што стана дел од организиран криминал и граѓаните можеби се разочарани од она што се случи со специјалната јавна обвинителка, но не се и не беа разочарани од СЈО како институција. Затоа повикот за извинување и повлекување на изјавата го толкувам како повик за признавање на грешката и преземање на одговорност, за на други претставници на државните органи да не им падне на памет да го користат СЈО како боксерска вреќа секогаш кога системот и општествените чинители ќе потфрлат во борбата за правда. Мартин Лутер Кинг кажал дека нашите животи почнуваат да завршуваат со денот кога ќе почнеме да молчиме за работите кои се важни, затоа браво за колегите“, посочува таа.

Слични содржини