„Ризикот од тромб е многу поголем кај заразените отколку вакцинираните“

од Nikola Popovski

Водечкиот словенечки епидемиолог Матеја Логар смета дека опасноста од згрутчување на крвта кај луѓето со Ковид-19 е далеку поголема отколку кај вакцинираните.

„Додека следењето на вакцините покажа дека ризикот од згрутчување на крвта што може да предизвика венска тромбоза или белодробна емболија со вакцината АстраЗенека е многу мал, или еден случај на милион вакциниран, во Словенија сериозни тромбоемболиски компликации се јавуваат кај приближно една четвртина од пациентите со коронавирус во единиците за интензивна нега на словенечките болници“, рече Логар.

На денешната прес-конференција, таа одговори на прашање во врска со недовербата создадена во јавноста во врска со вакцинацијата со вакцината на британско-шведската компанија, поради што дел од купените вакцини сè уште остануваат неискористени.

„Ова значи дека околу 40 пациенти со ковид, од оние 153 кои се моментално во словенечките болници, можат да сметаат на тој ризик“, објасни Логар пред новинарите.

Таа смета дека од самиот почеток се направени голем број недостатоци во комуникацијата со јавноста во промовирањето на вакцината АстраЗенека, иако е прогласена за безбедна и ефикасна од Европската агенција за лекови.

Според официјалните податоци на Министерството за здравство, во периодот од 2015 до 2020 година, помеѓу 900 и илјада пациенти биле хоспитализирани годишно во Словенија поради белодробна емболија, со позитивни резултати од третманот со антикоагулантни лекови и без поголеми компликации.

Што се однесува до вакцината „Џонсон и Џонсон“, чии две пратки од 7.200 дози веќе пристигнаа во Словенија, но не се користат по одлуката за привремено запирање на нивната употреба во САД и Европската унија, Логар рече дека се очекува САД тоа да го регулираат оваа недела, кога ќер се одлучува повторно. Таа рече дека се надева дека ќе добие одобрение од регулаторите на САД, а потоа и на Европа.

Слични содржини