Родители, социјални работници и полицајци викендов патролираа низ угостителските објекти во Гевгелија

од Берта Китинска

Мешовити екипи од родители, социјални работници и полицајци викендов патролираа низ угостителските објекти во Гевгелија со цел да видат каде и во какви услови се забавуваат младите, кои угостителски објекти најчесто ги посетуваат и колку се почитува забраната за точење алкохол на малолетници и нивното присуство во локалите по полноќ.

-Ова беше еден од заклучоците на Локалниот совет за превенција на општина Гевгелија од последната седница и ние прифативме со претставниците од надлежните служби да одиме по кафулињата за да видиме каде нашите деца излегуваат и како се однесуваат таму, рекоа родителите од мешовитите патроли.

Локалниот совет за превенција на последната седница укажа на сериозноста од раширеноста и лесната достапност на наркотични средства и алкохол кај малолетни лица во општина Гевгелија поради што и ја побара зајакнатата контрола од страна на надлежните институции и органи.

Покрај ова,советот за превенција побара од надлежните органи засилена контрола во периодот на пристигнување и заминување на училишните автобуси на паркингот кај спортската сала каде пак било забележано собирање на дилери на дрога.

Од општината најавија дека засилените контроли ќе продолжат и во иднина и дека во тек е изработка на програма за обуки и работилници посебно за учениците од прва и втора година гимназија, за штетноста на дрогата, алкохолот и другите пороци и за мерките за заштита од нив.

 

Слични содржини