Помалку од една година по смртта на фудбалската легенда Диего Марадона, аргентинската влада ја прогласи неговата родна куќа во предградието на главниот град Буенос Аирес за национален споменик.

Легендата, која во саботата ќе наполнеше 61 година, е родена во куќа во областа Вила Фиорито, која се наоѓа јужно од главниот град. Станува збор за едноставна куќа, која денес ја краси голема слика со ликот на Марадона, кој никогаш не криел дека потекнува од скромно семејство.

„Овде почнав да сонувам“, рече тој за неа во едно од бројните интервјуа за медиумите.

Марадона, кој важи за еден од најголемите и во исто време најконтроверзните фудбалери на сите времиња, почина на 25 ноември 2020 година од срцев удар, две недели откако беше пуштен од болница по операцијата поради крварење во мозокот.

Државното обвинителство го истражува случајот со неговите лекари, тврдејќи дека имало сериозни грешки, а под истрага се неговиот личен лекар, психијатар и персоналот што се грижел за него за време на закрепнувањето.

Слични содржини