Актуелно
Почетна / Македонија / Политика / Ромалитико: Предлог законот за отпис на каматите и репрограмирање на долговите е недоречен и содржи нејаснотии кои ќе внесат конфузија кај граѓаните

Ромалитико: Предлог законот за отпис на каматите и репрограмирање на долговите е недоречен и содржи нејаснотии кои ќе внесат конфузија кај граѓаните

Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико го разгледа предлог законот за отпис на каматите и репрограмирање на долговите, и генерален заклучок е дека истиот е недоречен, влегува во потенцијална колизија со законот за извршување и содржи нејаснотии кои ќе внесат конфузија кај граѓаните, соопштуваат од Институтот за Истражување и Анализа на Политики „Ромалитико“.

„Од анализата на овој закон произлегува дека:

1. Во членот 3 од предлог – законот се наведени стари судски извршни предмети издадени од страна на надлежни судови – Доколку датумот се однесува на самиот трансфер на предмети во тој случај се појавува опасност од вклучување во пресметката на долгови и на можни постоечки долгови постари од 2011 година. Ваквата формулација, иако на институтот застареност не се внимава по службена должност, може да биде искористена за вклучување во пресметката и на долгови од извршни предмети постари од 10 години без да се земе во предвид апсолутната застареност на самата извршна исправа.

2. Овој предлог-закон наведува само отпис на каматите, но не и на другите трошоци кои исто допринесуваат за зголемување на долгот на должникот.

3. Предлог законот не дава можност за вистинско прилагодување на примањата на должникот со висината на долгот и ратите за плаќање на долгот, кои воедно може да не се во согласност со новите измени на Законот за извршување.

4. Со овој предлог закон ќе се предизвика правна несигурност кај граѓаните, и тоа кај најранливите категории бидејќи претпоставката е дека овие лица се со најголем број на извршни предмети. Покрај правната несигурност, во ваквите ситуации ќе си појават и случаеви кога ќе треба нивната егзистенцијална состојба да биде заштитена, особено доколку ратата за плаќање на долгот е висока.

5. Во ваква ситуација се зголемува и можноста доверителите покрај долговите од извршните предмети, да ги наведуваат и оние долгови кои не се извршни и да бараат од должниците да потпишуваат договори за плаќање на стари сметки за кои не постои повеќе законска обврска за плаќање. Тука станува збор и за лица – должници кои најчесто немаат правно познавање и немаат финансиски средства за покривање на правните трошоци, како адвокат. Поврзано со темата потпишување на договори за долгови е и заштитата на примателите на минимална загарантирана социјална помош чии примања со изземени од извршување, но не и од потпишување на договори за исплата на долгови [често застарени долгови].

Отпишувањето на каматите е недоволно решение за решавање на правниот лавиринт на најзагрозените граѓани кои се соочуваат со проблемот на долгови. Потребно е да се донесе закон за отпишување на долговите на граѓаните, како и на примателите на минимална загарантирана социјална помош, така и на оние граѓани чија плата не ја надминува просечната плата. Граѓаните не се криви за правниот вакуум кој бил креиран со трансферот на предметите од судовите до нотарите и извршителите.

Крајно време е исто така да се провери валидноста на договорите кои граѓаните [ сите граѓани, како и примателите на минимална загарантирана социјална помош] ги потпишуваат за исплата на стари сметки. Потребно е институциите да го испитаат ваквото потпишување на договори и да не дозволат граѓаните да бидат оптоварени со незаконски и неморални трошоци кои директно влијаат на нивниот квалитет на живот. Законски треба да се забрани потпишувањето на договори за исплата на долгови од страна на приматели на минимална гарантирана социјална помош.

Воедно, треба да се креира соодветен систем за присилно извршување бидејќи постоечкиот често предизвикува страв кај граѓаните, особено кај оние кои прв пат се вработуваат, и тоа поради намалување на платата без притоа да се даде период тоа лице / семејство да ги стабилизира своите приходи, се вели во реакцијата на „Ромалитико“.

loading...