Роналдо го одложи доаѓањето на тренинг

од Stefanija Kuzmanovska

Кристијано Роналдо во текот на денот нема да се појави во тренинг центарот на Манчестер Јунајтед.

Иако се очекуваше Португалецот по неколкунеделен одмор да дојде директно во Карингтон и да му се приклучи на тимот предводен од новиот менаџер Ерик тен Хаг, тоа нема да се случи.

Островските медиуми пренесуваат дека Роландо, за кој се шпекулира дека сака да го напушти клубот, побарал одложување на враќањето на тренинзите поради семејни причини.

За што точно станува збор не е наведено, но многумина шпекулираат дека на овој начин Португалецот продолжува да врши притисок врз клубот да го пушти да си замине ова лето.

Клубот во петок ќе отпатува за Тајланд, каде на 12 јули ќе одигра пријателски натпревар со Ливерпул, а стручниот штаб се надева дека и Роналдо ќе биде во авионот.

Сепак, никој не би бил изненаден доколку тоа не се случи со оглед на околностите и неговата желба да замине по само една година.

Тој сака да игра во Лигата на шампионите, што Јунајтед не може да му го понуди оваа сезона, а наводно е разочаран што клубот се уште нема донесено засилување, за разлика од другите ривали.

Слични содржини