Роналдо: Среќен сум што се вратив

од Vladimir Zorba

Ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо даде краток коментар за неговото враќање во редовите на „црвените ѓаволи“. Откако ја пропушти речиси целата претсезона на тимот во потрага по други опции за својата иднина, Португалецот вчера се врати на теренот за 20-кратниот шампион на Англија.

Кристијано стартуваше во контролната со Рајо Ваљекано, од кои одигра само едно полувреме, пред да го напушти стадионот пред крајот на натпреварот. Сепак, обожавателите му приредија топло добредојде на 37-годишниот Португалец, кој подоцна во вечерните часови на социјалните мрежи напиша дека е „среќен што се вратил“.

Непосредно пред вчерашната контрола на „Олд Трафорд“, Ерик тен Хаг ја коментираше состојбата на Кристијано Роналдо вака: „Тој не е на нивото на остатокот од тимот бидејќи пропушти многу недели. Му требаат натпревари и многу тренинзи“, изјави Тен Хаг.

Манчестер Јунајтед ја отвора сезоната со гостување кај Брајтон на 7 август, а ќе биде интересно да се види дали Роналдо ќе учествува во таа пресметка.

Слични содржини