РСЕ: Потписите од ДУИ извесни, а мандатот од Иванов?

од desk2

По синоќешната одлука на претседателството на ДУИ да го овласти лидерот на партијата да донесе одлука за потписите со кои претседателот на СДСМ треба да го добие мандатот, од партијата денеска велат дека остануваат и други прашања до конечната одлука, информира РСЕ.

Иако синоќа на седницата на централното претседателство на ДУИ беше затворената темата за јазиците што ја преговараа работните групи на двете партии, на прашањето дали ќе ги дадат потписите, од партијата на Ахмети велат – остануваат и други прашања.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, вели дека прашањето за законот за јазици беше важно и основен столб на овие преговори, меѓутоа нагласува и дека треба да се направат дополнителни анализи за другите точки од усогласувањето на платформата за да се каже дали даваат поддршка за, како што вели, едната или другата опција.

„Од утре продолжуваме со дебатата во претседателството, се разбира претседателот Ахмети има и статутарно право, доколку одлучи да даде поддршка тоа може да го направи и без да го свика претседателството, бидејќи има таква согласност од претседателството“, вели Османи.

Од СДСМ, пак, денеска го повторуваат истото, дека очекуваат ДУИ да им ги даде потписите за претседателот на партијата Зоран Заев да го земе мандатот. Од таму нагласуваат дека на Македонија и е потребно брзо формирање влада која ќе почне да ги решава проблемите бидејќи ваквата состојба била неодржлива и одела на штета и на граѓаните и на државата.

Покрај потписите од десетте пратеници на Ахмети, за кои според изјавите на ДУИ, би можело да се знае утре, од Беса и од Алијансата за Албанците, кои заедно имаат осум пратеници, веќе најавија дека тие ќе им ги дадат потписите, но потоа ќе преговараат за влада.

Со собраните минимум 61 потпис, Заев треба да го побара мандатот од претседателот Ѓорге Иванов. Тој, пак, на први февруари, кога ја соопшти таквата одлука, постави и уште два услова – заштита на државните интереси на Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и системска реформа во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност.

Според Темелко Ристески, професор на Факултетот за општествени науки, оправдани се ставовите дека шефот на државата може да одлучи да не го даде мандатот на Заев повикувајќи се на тоа дека не се исполнети условите.

„Следејќи ја досегашната политика на претседателот и неговиот однос со актуелната владејачка гарнитура, на кој што наликува дека и е апарат, може се да се очекува“, вели Ристески.

Тој нагласува и дека поставувањето вакви услови не е уставна ингеренција на претседателот и дека ако се држи до тоа, како што додава, може да направи грубо прекршување на Уставот./извор РСЕ

loading...

Слични содржини