РСЕ: Заев ги обезбеди потписите, Иванов на потег

од desk2

СДСМ денеска одржува седници на Централниот и на Извршниот одбор на партијата, откако синоќа ДУИ одлучи да им ги даде потписите за мандат. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе се спротивстават на законот за јазиците и на обидите да се игнорира волјата на мнозинството, информира РСЕ.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска одржува Централен, а потоа и Извршен одбор, на кои се очекува лидерот на партијата Зоран Заев да биде избран за мандатар. СДСМ има 49 пратеници, плус десетте на ДУИ, како и осумте потписи на БЕСА и Алијансата на Албанците, кои најавија дека ќе ги дадат потписите на СДСМ и Зоран Заев како иден мандатар за состав на нова влада.

Претседателот Ѓорге Иванов, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски како мандатар не успеа да формира влада, рече дека ќе го даде мандатот на оној кој ќе обезбеди доказ за мнозинство. Но, Иванов го услови давањето на мандатот со гаранции да зачувување на унитарноста и давање гаранции за реформи во безбедносните структури.

ДУИ ги даде потписите, но размислува за коалиција со СДСМ

Централното претседателство на ДУИ вчера по маратонска дебата одлучи да му ди даде потписите на Заев, но одлуката за тоа дали ДУИ ќе биде опозиција или дел од новата влада, ќе ја донесат по добивањето на мандатот.

Претходно вчера лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека се разгледува можноста партијата да остане во опозиција. ДУИ на седницата разгледувала две опции –д али да се поддржи малцинска влада со тоа што ДУИ ќе замине во опозиција или да учествуваат во владина коалиција. Портпаролот на партијата Бујар Османи истакна дека и двете опции се условени со усвојување на предлог законот за јазици.

ВМРО-ДПМНЕ против законот за јазиците

Синоќа Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа состанок на кој ја анализирале полиитчката состојба во земјата, додека во партиските штабови по градовите се собираше членството и поддржувачите, за како што велеа, одбрана на државата. По состанокот од партијата испратија соопштение во кое се наведува дека „реализацијата на платформата од Тирана и обидите преку наметнувањето на албанскиот јазик како официјален, претставува редефинирање на Република Македонија.“

Во соопштението стои дека за партијата се неприфатливи дел од членовите на Предлог законот за јазици на коишто се согласил СДСМ, а беа обелоденети во медиумите.

„Ваквите предлози и отстапки на СДСМ може да предизвикаат долгорочна штета и носат огромен потенцијал за да предизвикаат тензии и нестабилност на подолг период. Истовремено, голем дел од решенијата кои беа обелоденети со ништо нема да им помогнат за подобар живот на Албанците во Македонија“, наведува партијата.

Партијата и пратениците, пишува понатаму, ќе се спротивстават на донесувањето на ваков катастрофален закон и ќе преземат соодветни мерки за да ја заштитат волјата на мнозинството.

Платформата на Албанците беше донесена на почетокот на годинава, но ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа преговараше со ДУИ за формирање на нова влада. ВМРО-ДПМНЕ водеше албанофобна предизборна кампања, но кога преговараа со ДУИ ја омекнаа реториката, па дури партискиот лидер во интервјуа за албански медиуми зборуваше за сè што направиле за граѓаните Албанци.

По неуспехот на преговорите, функционери на ДУИ соопштија дека камен на сопнување меѓу двете партии не биле етничките прашања, туку продолжување на мандатот на СЈО.

И Тврдокорни против уште еден јазик

Додека партиите анализираа, македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ организираше марш од Соборниот храм во Скопје до паркот „Жена борец“. И тие се против обидот за воведување на уште еден јазик и Платформата на партиите на Албанците во Македонија.

Закон за јазици веќе има

Досега два пати употребата на јазиците беше регулирана при формирањето на владините коалиции меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Прво во 2008 година беше донесен Законот за употреба на јазиците во кој се предвидува јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, покрај во Собранието, да се употребува и во комуникација на граѓаните со министерствата, со народниот правобранител, во судските и во управните постапки, во извршување на санкциите, при изборниот процес и референдум, при издавање лични документи, водење матична евиденција, примена на полициски овластувања и во други области. Во него се предвидува и пратеник кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Македонија, на седница на Собранието и на седница на работното тело, кога претседава со седница на работно тело на Собранието да зборува и на тој јазик, а и собраниските материјали да ги добие и на неговиот јазик и писмо.

Со измените во 2011 година, исто така донесени при коалицирањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ законот од 2008 година се прошири, па јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Собранието на Македонија може да го употребуваат и избраните или именуваните лица од Собранието./извор РСЕ

loading...

Слични содржини