Рубљата го ублажи падот на трговијата во Москва, но падна надвор од Русија

од Vladimir Zorba

Руската рубља утринава намали дел од големите загуби забележани во понеделникот и е во нагорна траекторија од рекордно ниско ниво на домашната трговија, но остана под притисок на странските пазари поради острите западни санкции.

Закрепнувањето на руската валута до одреден степен е поддржано со наредбата на владата на извозните компании, вклучително и водечките светски производители на енергија од Газпром до Роснефт, да продадат 80 отсто од нивните девизни приходи на пазарот, што и овозможува на централната банка да се воздржи од интервенирање на валутниот пазар, пишува Ројтерс.

Рубљата зајакна 3,3 отсто во однос на доларот на 91,49 рубљи на тргувањето во Москва до 8:07 часот по средноевропско време, додека во однос на еврото порасна за 3,4 отсто на 102,40.

Сепак, на електронската платформа за тргување EBS, руската валута се тргуваше по курс од 103 рубљи за долар, иако се оддалечи од рекордниот минимум на сите времиња од 120 рубљи за долар на кој падна во понеделникот.

Падот на рубљата започна откако Русија започна воена операција во Украина, при што валутата во еден момент изгуби дури една третина од својата вредност, но итното зголемување на референтната каматна стапка и другите мерки на централната банка помогнаа да се стабилизира.

Според британската агенција, слабата рубља ќе ги погоди жителите на Русија и ќе поттикне натамошен пораст на и онака високата инфлација, додека западните санкции ќе доведат до недостиг на основни добра на кои се навикнати луѓето во Русија.

Институтот за меѓународни финансии (IIF), група која ги претставува големите банки, предупреди дека постои голема веројатност Русија да не ги подмири своите обврски врз основа на странски долгови и дека нејзината економија ќе забележи двоцифрен пад оваа година по новите контра мерки на Западот.

Централната банка и Министерството за финансии на Русија не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар за можното неплаќање на обврските. Тргувањето со акции на Московската берза беше прекинато втори ден поради големата продажба на средства што се појавија на пазарот.

Слични содржини