Руни ги критикуваше ѕвездите на Јунајтед: „Земаат големи пари, а не трчаат“

од Vladimir Zorba

Најдобриот стрелец во историјата на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни (36), остро ги критикуваше ѕвездите на „црвените ѓаволи“ поради недостаток на труд и посветеност.

Руни, кој моментално е менаџер на Дерби Каунти, ги обвини ѕвездите на Манчестер Јунајтед, но не му пружи никаква поддршка ниту на менаџерот Оле Гунар Солскјаер.

Најдобриот стрелец на Јунајтед на сите времиња во ужас гледал како неговиот поранешен клуб беше „згазен“ дома од Ливерпул со 0-5 минатата недела.

„Играчите мора да се преиспитаат и да се погледнат себеси. Играчите се платени многу пари за да ја завршат својата работа и мислам дека не ја работат доволно добро“, изјави Руни за англиските медиуми.

„Има големи барања во тој клуб, голем притисок, а гледам премногу играчи кои не се подготвени да трчаат, не се подготвени да се бранат, не се подготвени да стават сè на коцка, а тоа не е прифатливо. Дали е виновен тренерот или играчите? Не знам“, додаде еден од хероите на „Олд Трафорд“.

Руни има 559 настапи за Јунајтед и е најдобар стрелец на клубот со 253 гола. За 13 години тој освои 16 трофеи со пет титули на англиски шампиони и една Лига на шампиони.

„Не беше лесно да се гледа натпреварот против Ливерпул. Ливерпул е фантастичен тим, но единствената разлика е што работи без топка. Во Дерби, моите играчи знаат дека нема да играат ако не направат доволно. Нема оправдување ако не работите. Тоа е првото нешто што им го кажав на играчите кога го презедов тимот“.

Руни верува дека раководството на клубот на крајот ќе донесе правилна одлука.

„Каква и да донесе одлука Јунајтед, тоа ќе биде вистинската одлука. Не можете да бидете водени од она што луѓето однадвор го сакаат. Сигурен сум дека Јунајтед има план, без разлика дали е со Оле или без него“, рече тој на крајот.

Слични содржини