Руни: Јунајтед треба да го пушти Роналдо да си замине

од Vladimir Zorba

Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни, верува дека клубот мора да го пушти Кристијано Роналдо да си замине ако сака да изгради успешен тим во иднина под водство на новиот менаџер Ерик тен Хаг. Роналдо (37), кој минатата сезона му се приклучи на Јунајтед од Јувентус, сака да го напушти „Олд Трафорд“ по неуспехот на тимот да се квалификува во Лигата на шампионите.

„Мислам дека Јунајтед треба да го пушти Кристијано Роналдо. Не дека Роналдо не може да игра во тим на Тен Хаг. Може да игра во секој тим. Рони секогаш ќе ти дава голови. Но, мое лично мислење е дека Јунајтед сега не е подготвен да ја оспори титулата, па целта треба да биде да се изгради тим кој ќе може да ја освои лигата во следните три до четири години и треба да планирате за тоа“, изјави Руни пред „Тајмс.

Роналдо минатата сезона постигна 24 голови во сите натпреварувања, со што стана една од ретките светли искри во инаку лошата кампања за Јунајтед, кој заврши на шестото место. Тен Хаг оваа недела изјави дека е среќен што има „врвен напаѓач“ како Роналдо во тимот и дека со нетрпение очекува да работи со него. Руни, кој е најдобар стрелец на Јунајтед на сите времиња, додаде дека се надева дека Тен Хаг може да воспостави јасен стил на игра во неговиот поранешен клуб.

„Не можев да сфатам што се обидуваат да направат во однос на планот за игра или да видам какви било модели на игра минатата сезона. Мислам дека една од големите работи што ќе ги видите од Тен Хаг е дека тој навистина се обидува да стави свој печат на стилот на игра“, додаде Руни.

Манчестер Јунајтед денеска го започнува својот настап во Премиер лигата со домашен меч против Брајтон.

Слични содржини