Русија го блокираше пристапот до сајтовите на ЦИА и ФБИ

од Vladimir Zorba

Рускиот регулатор за комуникации Роскомнадзор во петокот објави дека ги блокирал веб-страниците на ЦИА и ФБИ, обвинувајќи ги двете американски владини агенции за ширење лажни информации, пренесе Ројтерс, цитирајќи ја новинската агенција ТАСС.

„Роскомнадзор го ограничи пристапот до голем број ресурси во сопственост на државни структури на непријателски земји, бидејќи тие шират материјали наменети за дестабилизација на социјалната и политичката ситуација во Русија“, се вели во соопштението на Роскомнадзор што го пренесоа руските новински агенции.

ТАСС го цитира Роскомнадзор дека двaтa американски сајтa објавиле лажни материјали и информации кои ги дискредитирале руските воени сили.

Засега нема коментар од Вашингтон или од американската амбасада во Москва.

Русија ги криминализираше обидите за дискредитација на нејзините вооружени сили, кривично дело казниво до пет години затвор. Свесното ширење „лажни информации“ за војската носи максимална казна од 15 години.

Откако Русија испрати десетици илјади војници во Украина минатиот февруари, Роскомнадзор блокираше бројни независни медиуми, некои странски информативни сајтови и платформи за социјални медиуми, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм и Твитер.

Слични содржини