Русија го обновува производството на Москвич во поранешната фабрика на Рено

од Vladimir Zorba

Русија во средата го рестартираше производството на Москвич, автомобилска марка од советската ера, во поранешна француска фабрика Рено по пауза од две децении, објави руското Министерство за индустрија и трговија.

Во мај, Рено продаде мнозински удел во автомобилскиот производител Автоваз на руската држава, наводно за една рубља, со можност за откуп во рок од шест години.

Француската компанија исто така за една рубља ја продаде фабриката која сега се нарекува Московска автомобилска фабрика Москвич, потсетува Ројтерс.

Таа фабрика сега треба да го произведува Москвич, автомобилска марка од ерата на Советскиот Сојуз.

„Првиот „Москвич“ ќе излезе од производствената линија во декември 2022 година“, објави во соопштение рускиот производител на камиони „Камаз“, технолошки партнер на фабриката.

Крајната цел е да се произведуваат 100.000 возила годишно, вклучувајќи ги и нивните електрични верзии, значително помалку од просекот за автомобилската индустрија, чии фабрики произведуваат од 200.000 до 300.000 автомобили годишно.

600 од нив треба да се произведат годинава.

Москвич би можел да се врати во изменета верзија, бидејќи неговото производство ќе ја користи дизајнерската, инженерската и производствената платформа на кинескиот производител на автомобили JAC, изјавија неименувани извори за Ројтерс.

Западните санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина го отежнаа пристапот до делови произведени од странство, а многу странски производители на автомобили ја напуштија земјата. Камаз и руската влада воспоставија нови синџири на снабдување, но не откриваат детали.

„Во блиска иднина задача е да се воспостават процеси на склопување од мал обем со вклучување на локални добавувачи до крајот на 2023 година“, се вели во изјавата на министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров.

Министерството најави дека со почеток на целосно производство ќе се овозможи отворање на дополнителни 40.000 работни места.

Москвич 3, опишан како урбан теренец со бензински мотор и автоматски или мануелен менувач, ќе биде пуштен во продажба во декември, соопшти Министерството.

Релансирањето на Москвич веројатно нема да ги промени мрачните изгледи за руската автомобилска индустрија, која би можела да продаде помалку од еден милион автомобили оваа година за прв пат во модерната историја на Русија, забележува Ројтерс.

Слични содржини