Русија: Некој се обидува да предизвика војна меѓу нас и НАТО, Лавров го напушти самитот

од Stefanija Kuzmanovska

Руската мисијата во Обединетите нации денеска го повтори претходното негирање на Москва за вмешаност во експлозија во Полска и без да обезбеди докази или конкретно да именува која било страна, потврди дека инцидентот бил обид директно да се вовлече НАТО во војната во Украина.

За потсетување, две лица загинаа вчера кога, како што соопштија полските власти, паднал „проектил од руско производство“ во близина на селото Пржеводов, на околу 6,4 километри западно од украинската граница, приближно во исто време кога московските сили го лансирале најголемиот бран ракетни напади врз украинските градови за повеќе од еден месец.

Околностите остануваат нејасни

„Фактите покажуваат дека Русија немала никаква врска со ракетите што ја погодија полската територија“, изјави првиот заменик постојан претставник на Русија во ОН Дмитриј Пољански на Телеграм. „Инцидентот во Полска е обид да се предизвика директен воен конфликт меѓу НАТО и Русија“.

Пољански рече дека инцидентот ќе биде во центарот на вниманието на состанокот на Советот за безбедност на ОН за Украина подоцна денеска.

Околностите на инцидентот, вклучително и кој го истрелал проектилот и од каде е истрелан, остануваат нејасни. По вонредниот состанок на маргините на самитот на Г-20, лидерите на НАТО и Г7 рекоа дека ја понудиле својата „целосна поддршка“ на Полска и дека „ќе останат во близок контакт“ за да се утврдат соодветните следни чекори. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе претседава со итниот состанок на алијансата утрово во Брисел.

Лавров го напушти самитот на Г-20 еден ден пред неговото завршување

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров отпатува од Бали во Русија, еден ден пред крајот на самитот на Г-20 на тој индонезиски остров, јавуваат руските државни медиуми.

Државната новинска агенција ТАСС објави дека програмата на Лавров на самитот на Г-20 завршила „како што се очекуваше“, без да го прецизира точното време кога тој замина.

Слични содржини