Русија ја регистрира првата вакцина против корона за животни

од Stefanija Kuzmanovska

Русија ја регистрираше првата вакцина во светот против коронавирус за животни, а нејзино масовно производство би можело да започне уште во април, изјави за новинарите заменик директорот на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Русија (Роселхозназнадзор) Константин Савенков.

Тој изјави дека вакцината „Карнивак-Ков“, која е изработена од Федералниот центар за здравје на животните, е прв и моментално единствен профилактички препарат против ковид 19 за животни во светот.

„Кучиња, мачки, арктички лисици, лисици и други животни учествуваа во клиничките испитувања на Карнивак-Ков, кои започнаа во октомври минатата година. Резултатите од истражувањето ни овозможуваат да заклучиме дека вакцината е безопасна и високо имуногена, бидејќи 100 отсто од вакцинираните животни имаат развиено антитела на коронавирусот“, рече Савенков.

Во моментов, научниците од Роселхознадзор продолжуваат да проучуваат колку долго се развива имунитетот по примената на препаратот. Според Савенков, во моментов овој индикатор е најмалку шест месеци.

„Веќе во април може да се започне со масовно производство на вакцината врз основа на најголемата платформа во земјата за производство на лекови за животни на Федералниот центар за здравје на животните“, додаде тој.

Слични содржини