Русија ќе ја произведува оксфордската вакцина против короната

од Stefanija Kuzmanovska

Руската фармацевтска компанија „Р-фарм“ во договор со британско-шведската мултинационална фармацевтска и биотехнолошка компанија „АстраЗенека“ ќе ја произведува во Русија оксфордската вакцина против коронавирусот, изјави претседателот на одборот и основач на „Р-фарм“, Алексеј Репик.

„Ние ја официјализиравме оваа намера со потпишан договор во областа на производство и испорака на вакцината, развиена од „АстраЗенека“ и Универзитетот во Оксфорд, користејќи ги технолошките можности на „Р-фарм“ за проектот“, рече Репик за „Русија 24“.

Според него, „Р-фарм“ ќе биде еден вид центар од кој ќе се доставуваат вакцини во многу земји – на Блискиот исток, Југоисточна Азија, Европа и земјите од ЗНД, односно до 30 до 50 земји.

„Секако, Русија е секогаш наш главен приоритет“, истакна Репик.

Во Велика Британија, вакцината против коронавирусот ја прават два научни центри – Универзитетот во Оксфорд и Империјал колеџот во Лондон. Тестовите за вакцината врз луѓето започнаа во Оксфорд на 23 април, а партнер во истражувањето е фармацевтската компанија „АстраЗенека“.

Вакцината, изработена од екипата од Оксфорд, веќе е успешно тестирана во првата фаза од тестирањето, во која беа опфатени околу 1.000 британски волонтери, а сите детали треба да бидат објавени во магазинот „Лансет“ во понеделник. Десет илјади луѓе во Бразил, Јужна Африка, Велика Британија и САД се тестираат во т.н. последна или трета фаза на тестирање на вакцината.

Руската компанија „Р-фарм“, која ќе ја произведува вакцината против короната, е специјализирана за развој, производство и комерцијализација на високо-технолошки лекови, лабораториска опрема и медицинска технологија. Ги извршува своите активности на територијата на Русија, но и во земјите на ЗНД, САД, Германија и Јапонија.

Слични содржини