Русија ќе вакцинира 400.000 војници против короната

од Vladimir Zorba

Русија има намера да вакцинира повеќе од 400.000 војници и друг воен персонал против Ковид-19, рече во петокот министерот за одбрана Сергеј Шојгу, пренесува Ројтерс, додавајќи дека земјата штотуку забележала рекорден дневен број од 27.543 нови случаи на инфекција.

Министерот за одбрана потсети дека досега 2.500 припадници на вооружените сили се вакцинирани против Ковид-19 и тој број треба да се зголеми на 80.000 до крајот на годината.

Русија, чии научници работат на повеќе вакцини против вирусот САРС-КоВ-2, од септември се соочува со брзо ширење на инфекцијата, но властите претпочитаат да се потпрат на насочени мерки во одделни региони отколку да ја затворат целата земја.

Индиската фармацевтска компанија „Хетеро“ годишно ќе произведува повеќе од 100 милиони дози на руска вакцина против Ковид-19 наречена „Спутник V“, според договорот потпишан од рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) и индиски производител на лекови.

Сибирскиот институт „Вектор“, кој ја развива втората руска вакцина за Ковид-19, „ЕпиВакКорона“, рече дека имунитетот нема да трае цел живот и дека вакцинацијата ќе треба да се прави шест до 10 месеци по првите две инјекции, а потоа на секои три години.

Институтот е подготвен да произведе до пет милиони дози вакцина годишно, изјави Александар Рижиков, раководител на одделот за зооноза и грип.

Во Русија досега се евидентирани вкупно 2.215.533 пациенти и 38.558 смртни случаи.

Слични содржини