Русија планира да ги блокира профилите на Навални на социјалните мрежи

од Vladimir Zorba

РУСКИОТ интернет регулатор, „Роскомнадзор“ во средата објави дека ќе блокира веб-страници и профили на социјални медиуми поврзани со дисидентот Алексеј Навални, кој е во затвор, а десетици страници веќе му се блокирани оваа недела.

Во пораката испратена до АФП, „Роскомнадзор“ пишува дека треба да се блокираат профилите на „екстремистичките организации“ на Алексеј Навални, како и профилите на неговите регионални ограноци низ Русија.

Организацијата смета дека овие профили содржат „повици за екстремистички активности и масовни немири“.

„Роскомнадзор“ веќе блокираше 49 веб -страници поврзани со Навални во понеделникот.

Навални во моментов издржува затворска казна од две и пол години за кршење на условната казна во 2014 година. Неговото затворање предизвика тензии со Западот, кој бара негово ослободување.

Блокирањето страници и профили доаѓа недели пред парламентарните избори во септември и по судската одлука во јуни, прогласувајќи ги здруженијата поврзани со Навални како екстремистички, со што всушност се прогласени за незаконски.

Сојузниците на Навални посочуваат дека новите мерки треба да ја спречат работата на опозицијата пред изборите, во време на опаѓачка популарност на владејачката партија Единствена Русија.

Соработниците на организациите што се карактеризираат како „екстремистички“ може да бидат осудени на затворски казни и да им се забрани учество на избори.

Тимот на Навални се залага за стратегија на „паметно гласање“, што подразбира давање глас во секоја изборна единица на кандидатот кој е најголем противник на владејачката партија Единствена Русија.

Слични содржини