Русија протера дипломати од четири земји

од Stefanija Kuzmanovska

Русија протера дипломати од Естонија, Летонија, Литванија и Словачка, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се прецизира дека двајца вработени во Амбасадата на Литванија, еден вработен во Амбасадата на Летонија и Естонија и тројца службеници на словачката амбасада мора да ја напуштат територијата на Русија во рок од седум дена.

Како што е истакнато, Русија како реципрочна мерка протера дипломати од амбасадите на Летонија, Литванија и Естонија. На претставниците на мисијата им било кажано дека Вилнус, Рига и Талин и натаму отворено водат непријателска политика кон Москва, а акциите против руските дипломати се провокативни и неосновани, пренесува „Спутник“.

„Шефовите на дипломатските мисии изразија силен протест за провокативните, неосновани активности на протерување на вработените во руските амбасади во овие балтички држави“, се вели во соопштението.

Министерството додаде дека тројца словачки дипломати биле протерани од Русија, на кои им било наредено да ја напуштат земјата до 5 мај.

„На амбасадорот му беше изразен остар протест во врска со неоснованото прогласување од страна на Словачка како персона нон грата на тројца вработени во руската амбасада во Братислава поради апсурдно и измислено обвинение за нелегални активности“, рече Министерството, пренесува „Спутник“.

Исто така беше речено дека одлуката на словачките власти „да покажат лажна солидарност со Чешка во нејзината провокативна антируска кампања“ им штети на традиционалните пријателски руско-словачки односи и конструктивната билатерална соработка“.

Претходно беше објавено дека претставниците на балтичките земји и Словачка пристигнаа во Министерството за надворешни работи на Русија по протерувањето на руските дипломати.

Според „Спутник“, Министерството за надворешни работи на Литванија претходно објави дека оваа земја протера двајца вработени во руската амбасада во знак на солидарност со Чешка. Летонија и Естонија исто така соопштија протерување на по еден руски дипломат.

Слични содржини