Русија: Рекорден број смртни случаи, помалку од 30 проценти од населението е вакцинирано

од Nikola Popovski

Рекорден број смртни случаи од коронавирус, 984 од нив, денеска повторно беа регистрирани во Русија, што, според експертите, е последица на малиот број вакцинирани.

Во изминатите неколку недели, во неколку наврати беше соборен рекордниот број смртни случаи од Ковид-19 во еден ден. Во последните 24 часа, регистрирани се 29.717 новозаразени лица.

Кремљ ја обвинува ниската стапка на вакцинација за наглиот раст на бројот. Премиерот на Русија, Михаил Мишустин, изјави дека само околу 29% од населението е вакцинирано.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека имунизацијата на населението мора да се забрза, но исто така предупреди дека принудата не смее да се користи.

Експертите велат дека стапката на вакцинација е ниска поради раширениот скептицизам и дезинформациите за вакцините против коронавирус.

Кремљ ја отфрли можноста за повторно воведување локдаун на ниво на федерација и им додели овластувања на регионалните власти за нови мерки. Агенцијата АП оценува дека причината е што последното затворање имаше лош ефект врз економијата и рејтингот на претседателот Путин.

Рускиот здравствен систем е под голем притисок, а околу 235.000 пациенти во моментов се хоспитализирани во сериозна состојба.

Рускиот кризен штаб соопшти дека околу 7,8 милиони луѓе се заразени од почетокот на епидемијата, од кои 219.329 починале, најмногу во Европа.

Слични содржини