Русите ја повлекоа тужбата против ФИФА, нема да учествуваат на Мундијалот

од Nikola Popovski

Фудбалскиот сојуз на Русија (РФС) ја повлече жалбата на одлуката на ФИФА за забрана за учество на „Зборнаја“ на меѓународни натпреварувања, со што практично го прифати исклучувањето од Светското првенство во 2022 година, соопшти Судот за спортска арбитража (ЦАС).

Во соопштението ЦАС истакна дека постапката наскоро ќе биде затворена.

Да потсетиме, на крајот на февруари ФИФА ја суспендираше Русија на неодредено време од сите натпреварувања, а сето тоа поради војната со Украина.

Русите тогаш најавија жалба, но сега се повлекоа и ја прифатија конечната одлука.

Сепак, Русија ја продолжува акцијата против Европската фудбалска федерација (УЕФА) и се уште се надева дека ќе и дозволи на женската репрезентација да учествува на Европското првенство летово во Англија, кое ќе се игра од 6 до 31 јуни.

ЦАС соопшти дека голем број руски спортски федерации поднеле тужби против санкциите наметнати од спортските тела по инвазијата на руската војска во Украина.

Руската федерација за лизгање, биатлон, веслање, рагби и гимнастика се само дел од федерациите кои го оспоруваат исклучувањето на нивните спортисти од меѓународните натпревари, прецизира ЦАС.

Слични содржини