Русија тврди дека успеала да собори американска паметна бомба

од Nikola Popovski

Русија во вторникот објави дека соборила паметна бомба од американско производство истрелана од украинските сили, што претставува првпат Москва да тврди дека соборила тип на оружје што ѝ овозможува на Украина да погоди далечни цели, пренесува Хина.

Таканаречената бомба GLSDB се лансира на ракета, а потоа, со сателитски насоки, тивко лебди до целта што може да биде оддалечена 150 километри. Ова е двојно поголемо растојание во споредба со ракетниот систем ХИМАРС што беше испорачан во Киев минатата година.

Украина долго време бара оружје што може да ги гаѓа руските командни центри, линиите за снабдување и други цели зад непријателските линии. Се шпекулира дека Вашингтон почнал да го снабдува Киев со ова оружје во текот на оваа година.

Во руското соопштение се вели дека противвоздушната одбрана го соборила GLSDB, но не е прецизирано каде се случило тоа.

Пошироката употреба на GLSDB ќе ги изложи руските линии за снабдување на фронтот во источна Украина на напади и ќе ја принуди Москва да ги премести подалеку од фронтот.

Независни воени експерти велат дека ХИМАРС ѝ помогнал на Украина да го сврти бранот на војната откако првичниот план на Русија да започне брза инвазија пропадна.

Слични содржини