„Руска рака на Балканот и ново создавање на Голема Србија“: Вучиќ одговори на обвинувањата на Кларк и Курти

од Nikola Popovski
164 прегледи

„Србија нема да служи никому и на ниту една голема сила, бидејќи секој што го следи тоа што го прави Србија, му е јасно дека не сме ниту руски, ниту американски пиони“, изјавил српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи ги изјавите на пензионираниот американски генерал Весли Кларк, кој рече дека во Србија се чувствува „руската рака“ и дека Вучиќ ќе го направи она што ќе го побара Владимир Путин од него кога притисокот ќе биде доволно силен.

Вучиќ денеска порачал дека Весли Кларк оставил неизбришлив траг на Балканот – преку убивање на српски народ и деца.

„Мене ми е интересно што рече дека ние сме агенти или пиони на Русија на Балканот, а секој што следи што прави Србија му е јасно дека не сме ниту руски ниту американски пиони. Овде живее слободарски народ кој отсекогаш ја почитувал, ценел и умрел за слободата и би било добро таа лекција да ја совладал во 1999 година“, истакнал Вучиќ.

Во заедничкото интервју со Албин Курти за Си-Ен-Ен, Кларк рече дека најдоброто одвраќање за Русија е прием на Украина во НАТО, додавајќи дека во спротивно „неволјата“ од Украина ќе се прелее и на Балканот, пренесува Коссев.

Пензионираниот американски генерал оценувал дека „на Балканот се чувствува раката на Русија, а тоа е Србија“.

„Претседателот Вучиќ е паметен. Тој се обидува да направи да изгледа како да игра со двете страни, но кога ќе дојде до притисок, тој ќе го направи она што Путин сака да го направи. А она што тој го сака од Путин е секако овластување да употреби војници на Косово, барем на половина северно Косово, а можеби и повеќе, а во исто време, сакаат да ја растурат БиХ и да ја вратат Република Српска и, со тоа, да ја создадат Голема Србија. Сето тоа е етничко чистење на Балканот“, озјавил Кларк.

Навраќајќи се на проблемот со Украина, Кларк рекол дека ќе мора да се спаси како што беше направено со Косово. Признавајќи дека во случајот со бомбардирањето на СРЈ имало сомнежи и внатрешни борби, Кларк оценил дека тоа сепак е успех.

Коссев наведува дека учесниците во интервјуто, вклучително и водителот Кристијан Аманпур, го изговориле зборот „геноцид“ или „проект за геноцид“ на Србија во Косово барем пет пати за 15 минути.

Слични содржини