Руски амбасадор: Германија ја премина „црвената линија“

од Stefanija Kuzmanovska

Германија ја премина црвената линија, која не требаше да ја премине, кога почна да ја снабдува Украина со смртоносно оружје од сопствено производство, изјави рускиот амбасадор во Германија, Сергеј Нечаев, во интервју за „Известија“.

„Самиот факт што Берлин го снабдува украинскиот режим со смртоносно оружје од германско производство кое се користи не само против руски војници, туку и против цивилите во Донбас е „црвена линија“ што германските власти не требаше да ја преминат, имајќи ја предвид моралната и историска одговорност на Германија кон нашиот народ за нацистичките злосторства за време на Големата патриотска војна“, истакна дипломатот.

Нечаев изјави дека пумпањето на режимот во Киев со оружје, „како што бараат англосаксонските сојузници од НАТО од Германија“ е пат кој не води никаде, туку само го продолжува конфликтот и го зголемува бројот на жртви.

Тој додаде дека процесот на повоено помирување меѓу народите на Русија и Германија сега, всушност, е „еродиран“.

Претходно, германскиот канцелар Олаф Шолц објави дека Германија има намера да ѝ испорача на Украина три дополнителни системи за воздушна одбрана „ИРИС Т“, 10 оклопни возила за евакуација, 20 ракетни фрлачи, прецизно наведувачка муниција и одбранбени системи против беспилотни летала. Според изворот, оружјето ќе биде предадено во 2023 година, а некои видови опрема можеби и порано.

Русија претходно испрати протестна нота до земјите од НАТО поради испораката на оружје за Украина. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека секој товар што содржи оружје за Украина ќе стане легитимна цел за Русија. Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека земјите од НАТО „си играат со оган“ со тоа што ѝ доставуваат оружје на Украина.

Слични содржини