Руски медиуми: Речиси една третина од Русите се за прекин на војната во Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Речиси една третина од Русите веруваат дека воените операции во Украина треба да се прекинат што е можно поскоро, покажуваат резултатите од затвореното истражување на јавното мислење на про-Кремљ Серускиот центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ), до кои дошол порталот „Медуза“.

Како што пренесува денеска порталот, во анкетата нарачана од Кремљ, а спроведена на крајот на јуни, на испитаниците им било поставено прашањето: која гледна точка им е поблиска – дека непријателствата во Украина треба да се прекинат што е можно поскоро, или дека не треба да се запрат.

Резултатите покажаа дека 30 отсто од граѓаните се за што побрзо прекинување на војната, додека 57 отсто сметаат дека војната треба да продолжи. 13 отсто од испитаниците не дале одговор.

Анкетата покажа дека за прекин на војната се мнозинството млади луѓе на возраст од 18 до 24 години – 56 отсто, а потоа 43 отсто од 25 до 34 години.

Постарите испитаници генерално го поддржуваат продолжувањето на војната.

„Медуза“ наведува дека зависноста на поддршката за продолжување на војната во зависност од изворот на информации била проучувана и за потребите на Кремљ.

Кај активните корисници на Интернет, 47 отсто се за прекин на војната, а 35 отсто за нејзино продолжување. За испитаниците чиј извор на информации е телевизијата, 68 отсто се за продолжување, а 22 отсто за прекин на војната.

Овие податоци ВЦИОМ не ги објави на својата веб-страница, а најновото издание од јуни покажува дека 72 отсто од граѓаните ја поддржуваат војната, а 17 се против.

Слични содржини