Руски политиколог: Путин нема да живее доволно долго за да го види крајот на војната

од Stefanija Kuzmanovska

Сергеј Микејев, познат руски политиколог, ги шокираше гледачите на државната телевизија со запаливи тврдења за текот на војната во Украина и за судбината на рускиот претседател Владимир Путин и неговите најблиски соработници.

Микејев, кој е поранешен директор на руската компанија за истражување и мониторинг Центар за анализа на актуелната политика, во емисијата во живо „Недела навечер“ во ударниот термин, оцени дека „специјалната воена операција“ не оди според планот.

„Нашата позиција сериозно се влоши… Или конечно ќе одиме напред и ќе престанеме да го имитираме суверенитетот и навистина ќе постигнеме успех, или ќе се повлечеме со огромен неуспех“, изјави тој.

„Ако продолжиме на овој начин и со оваа брзина, јас и ти нема да живееме доволно долго за да видиме успех. И да бидеме искрени – ниту нашето раководство нема да живее доволно долго за тоа“, рече тој.

Тој предупреди дека Русија не смее да се повлече, бидејќи таквиот потег на Запад ќе се смета за слабост, пренесе „Дејли мејл“.

Исто така, политикологот ги повика вооружените сили да „создадат проблеми за нациите што ја поддржуваат Украина“ со далечински напади за да ја покажат „технолошката супериорност“ на Русија и да престанат да „играат според правилата на игра кои ни се наметнати“.

Слични содржини