Руски суд казни новинар поради пропаганда на хомосексуални врски

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот новинар Јури Дуд мора да плати казна од 120.000 рубљи поради „пропаганда“ на хомосексуални врски, одлучи во вторникот московскиот суд.

Окружниот суд во Лефортово соопшти дека 35-годишниот маж е казнет поради „пропагирање нетрадиционални сексуални односи меѓу малолетници“.

Дуд (35), поранешен спортски новинар, е меѓу најголемите руски медиумски ѕвезди, а се прослави преку остри интервјуа и документарни филмови објавени на Јутјуб, со политички тон. На таа платформа има повеќе од 10 милиони претплатници.

Дуд беше казнет со 100.000 рубљи минатиот октомври под обвинение за „пропаганда на дрога“, откако про-Кремљ лоби група побара од руското Министерство за внатрешни работи да го истражи.

На 15 април, руското Министерство за правда го прогласи за странски агент, откако јавно се спротивстави на војната на Русија во Украина, опишувајќи ја како „империјална хистерија“.

Адвокатот за човекови права Павел Чиков рече дека случајот против Дуд е заснован на неговото интервју од 2021 година со геј уметник на YouTube, иако Чиков истакна дека интервјуто не се однесува на хомосексуалноста.

Во 2013 година, Русија го криминализираше „пропагирањето“ на нетрадиционалната сексуална ориентација на децата, што е дел од пошироката конзервативна агенда на Кремљ.

Претседателот на парламентот Вјачеслав Володин минатата недела повика на целосна забрана за промоција на „нетрадиционалните вредности“ во Русија.

Слични содржини