Руските лекари ја сменија приказната: Навални e отруен

од Stefanija Kuzmanovska

Болничарите кои првпат го лекуваа рускиот опозициски лидер Алексеј Навални откако му се слоши во авион минатиот месец не најдоа докази дека главниот противник на рускиот лидер Владимир Путин имал покачен шеќер ниту дека страда од метаболички нарушувања, изјавија пет медицински извори за „Ројтерс“.

Нивните тврдења се косат со јавната дијагноза поставена од лекарите во болницата во Омск, каде се лекуваше Навални, и кои рекоа дека на опозиционерот му се слошило затоа што нивото на шеќер во крвта било четири пати повисоко од нормалното и дека исто така страдал од метаболички нарушувања.

Тројца болничари кои првично учествувале во третманот на Навални, пренесуваат изворите, велат дека глукометарот покажал дека шеќерот во крвта му бил во нормални граници.

„Немаше знаци на дијабетес, сè беше проверено и исклучено“, рече еден од изворите. „Индикаторите беа нормални, немаше проблеми во метаболизмот“.

Труење

Другите два извори, кои исто така биле присутни за време на третманот на аеродромот, за „Ројтерс“ изјавиле дека нивото на шеќер во крвта на Навални не било покачено. Четири од петте извори рекоа дека болничарите кои го лекувале Навални регистрирале клиничка слика на труење, со симптоми кои вклучуваат вртоглавица, а не знаци на метаболичко нарушување.

„Навални беше зашеметен, збунет, не можеше да објасни ништо“, рече еден од изворите.

Германија, каде што Навални беше пренесен на понатамошно лекување по дводневно лекување во Омск, тврди дека тој бил отруен од нервниот отров „новичок“. Берлин побара објаснување од Москва, додека Кремљ рече дека обвинувањата се „неосновани“ и дека не гледаат докази за труење.

Главниот токсиколог во Омск, Александар Сабаев, контактиран да ги коментира изјавите на болничарите, оспори се и рече дека Навални имал високо ниво на шеќер во крвта и дека имал „склоност да падне во кома“. Сабаев исто така напомена дека болничарите не му дале на Навални атропин, лек кој се користи кога постои сомневање за труење.

Трите извори кои рекоа дека болничарите виделе клинички знаци на труење рекоа дека на Навални не му бил даден атропин на аеродромот затоа што не се сомневале на тој вид труење.

Самиот Сабаев минатата недела изјави дека најпрво, засновано на симптомите и она што му го кажале болничарите, и тој сметал дека Навални е отруен, поради што му дал мала доза атропин, но дека се „предомислил“ откако ги добил резултатите од лабораториските тестови.

Некои медицински извори рекоа дека на тој начин тој најверојатно го спасил животот на Навални, кој се наоѓал во критична состојба.

Атропинот се користи во итни случаи, вклучувајќи сомневање на труење со пестициди или нервни отрови, како што е „новичок“.

Висок влог

Конфликтот околу тоа што навистина се случило со Навални сериозно ги затегна односите меѓу Русија и Западот.

Германската канцеларка Ангела Меркел е под притисок да го запре скоро завршениот гасовод „Северен тек 2“, кој ќе носи гас од Русија во Германија.

Кремљ побара од Германија да обезбеди докази за труењето. Државните обвинители во Берлин во петокот објавија дека ќе ги предадат информациите доколку се согласи Навални, кој во меѓувреме излезе од кома.

Запрашан да ги коментира првите резултати од испитувањето, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за „Ројтерс“ изјави дека немал информации за тоа „какви испитувања му правеле на пациентот лекарите кои го лекувале во авионот, дали воопшто направиле тестови и кои се тие лекари воопшто“.

Исклучени дијагнози

Во првите 12 минути по слетувањето, болничарите исклучија можна дијабетична кома и мозочен удар.

„Тие беа водени од методот на елиминација, ги исклучија сите оние дијагнози кои сега се изнесуваат“, рече еден од изворите.

Анастасија Василијева, соработник и доктор на Навални, тврди дека политичарот никогаш немал проблеми со метаболизмот и дека имал нормално ниво на шеќер во крвта.

„Тој е здрав човек“, рече таа.

Еден од изворите од Омск вели дека Навални бил прегледан од десетина клиничари и дека сите биле сигурни дека станува збор за труење. „Клиничката слика беше таква“, рече изворот.

Еден извор од итната болница Омск бр. 1 за „Ројтерс“ изјави дека наредбата за пренесување на Навални со авион во Германија пристигнала директно од Кремљ, без никакво објаснување. „Седевме во болницата кога од Кремљ дојде повик да го отпуштиме пациентот. На сите им олесна“, рече изворот.

Песков го негираше ова, велејќи дека „претседателската администрација не ги надгледува лекарите во Омск или други градови“.

Слични содржини