Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ стана вистинска ѕвезда на руските медиуми кои го посочуваат како „единстевн разумен европски лидер“, а неговите изјави за Украина и повлекувањето на хрватските војници од мисиите на НАТО се вистински мелем за медиумите кои го поддржуваат Путин.

„Хрватскиот претседател Милановиќ го кажа само она што многумина во ЕУ го мислат, но не се осмелуваат да го кажат“, изјави Тимофеј Бордачев, директор на Московскиот центар за европски прашања и стратегија, за порталот на руски јазик „Русија денес“.

Руските медиуми им дадоа голем простор на изјавите на претседателот Зоран Милановиќ за Украина.

„Дефицит на единство во НАТО“, „За Украина нема место во НАТО“, „Хрватска ќе ја повлече војската од НАТО во случај на конфликт“, „Одговорноста за ескалацијата е на Вашингтон, вели хрватскиот претседател“, „Киев разочаран“ од изјавите од Хрватска“, се само дел од насловите на руските медиуми за изјавите на Милановиќ.

Руските медиуми пишуваат дека Милановиќ прв го кажал што им пречи на многу Европејци и наведуваат дека имало големо несогласување меѓу членките на НАТО во однос на Украина, а многумина (не наведуваат за кои земји станува збор) размислуваат слично и не сакаат да се гине за Украинците ниту пак „судир со Русија“.

Руските медиуми се убедени дека „многу други европски лидери наскоро ќе го следат патот на Милановиќ“ и како што велат „тој ја отвори чешмата“.

Сепак, пишуваат дека досега само Чешка изјавила дека е подготвена да испрати своја војска да и помогне на Украина во случај на руски напад.

Руските медиуми наведуваат дека „Милановиќ разбрал“ дека не е Русија таа што предизвикува конфликти и дека нема намера никого да нападне, но однесувањето на НАТО и најавата за натамошно проширување на исток ја доведе во прашање безбедноста на Русија.

Изјавите на Зоран Милановиќ во Киев беа примени со незадоволство, а хрватската амбасадорка Аница Џамиќ беше повикана во МНР, а Украина побара од Загреб „да се извини и да ги демантира“ изјавите на Милановиќ.

„Хрватскиот претседател покажа презир и неблагодарност за помошта што Украина и Украинците и ја пружија на Хрватска за време на нејзината борба за независност, но и во последните години за време на борбата против разорните пожари. Убедени сме дека оваа неблагодарност е лична карактеристика и нема да се прошири до хрватскиот народ, со што споделуваме пријателство и меѓусебно почитување“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.

Слични содржини